1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипарскиот проблем има приоритет пред грчко-македонскиот во ОН

15 јануари 2011

Бан Ки Мун не е заинтересиран за решавање на спорот меѓу Скопје и Атина, тврди во разговор за Дојче Веле, турскиот новинар и известувач од ОН во Њујорк, Доан Улуч. Според него приоритет е решавањето на кипарскиот проблем

https://p.dw.com/p/zxvx
Приоритет за Бан годинава е решението за кипарскиот проблемФотографија: picture-alliance/ dpa

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун на својата прва прес-конференција годинава во седиштето на Светската организација во Њујорк изјави дека очекува тековната година да биде добра за решавање на кипарското прашање.

„На кипарските лидери им дадов уште 9 недели да ги разрешат отворените проблеми пред повторно да се сретнеме во Женева“, изјави Бан.

Според турскиот новинар Доан Улуч, долгодишен известувач од ОН и дописник на весникот „Хуриет“ постојат сличности меѓу македонскиот и кипарскиот проблем, но тој посочува и на една битна разлика.

„За разлика од Македонија, Кипар оваа година ќе биде на врвот на приоритетите на Генералниот секретар Бан, бидејќи првиот човек на светската организација бара политички успех, а за решавање на проблемот е заинтересирана и ЕУ“, објаснува Улуч.

Без рокови за Атина и Скопје

Сепак, на Бан, по се изгледа не му се брза толку кога е во прашање грчко-македонскиот спор. Запрашан дали планира да им даде некој рок на Скопје и Атина за да се забрза изнаоѓањето решение, Бан се повика на принципи.

„Најпрво се работи за принцип дека не е пожелно да се даваат рокови во ваков вид на спорови“, рече Бан. Според него, сега е време да се донесе одлука која ќе биде прифатлива за двете страни, со посредство на посредникот Метју Нимиц.

Matthew Nimitz UN Sondervermittler in Mazedonien
Посредникот Метју Нимиц закажа нова средба за февруариФотографија: Petr Stojanovski

Турскиот новинар Улуч смета дека не е реално да се очекува напредок на следната рунда преговори меѓу Скопје и Атина во Њујорк, затоа што грчката страна веќе најавила дека тоа ќе бидат само про-форма разговори.

„Бан Ки Мун нема никакви намери сега да го решава тој проблем, така што грчко-македонскиот спор би можел да потрае уште извесно време. На овој генерален секретар не му е потребен уште еден пробем“, тврди турскиот новинар Улуч.

Автор: Ерол Авдовиќ

Редактор: Борис Георгиевски