1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар - банкротираниот претседавач со ЕУ

Кристоф Хаселбах / Елизабета Милошевска Фиданоска1 јули 2012

Кипар, малиот остров со големи проблеми, од први јули ќе претседава со ЕУ. Тој ќе биде по многу нешта уникатен претседавач.

https://p.dw.com/p/15NYd
Фотографија: picture alliance/chromorange

Еврокризата фрла сенка врз претседателството со ЕУ. Кипар е првата земја која го презема претседавањето, а е упатена на европска помош. Само неколку дена пред почетокот на претседателството, кипарската влада поднесе барање за помош. Кипар, слично на Шпанија, има пред се‘ проблем со банките. Тие се презадолжени. Јанис Емануилидис, експерт за Кипар и Грција во бриселскиот Центар за европска политика, вели:

„Кипар и Грција се многу испреплетени, пред се‘ во банкарскиот сектор. Кипарските банки ќе се соочат со големи загуби поради реструктуирањето на грчките долгови.“

Пари и од Москва

Кипар пред неколку месеци веќе доби помош од друга страна. Русија во декември 2011 година одобри кредит во висина од 2,5 милијарди евра. ЕУ не гледа со задоволство на помош од трета страна, затоа што стравува од зависност на земјата која добива пари од земјата кредитор. Кипарскиот европратеник Јоанис Касулидес, меѓутоа, ваква опасност не гледа. Тој во 2008 година беше поразен на претседателските избори од комунистот Димитрис Христофијас.

Zypern flieht unter Euro-Rettungsschirm
Кипар веќе побара помош од ЕУФотографија: picture-alliance/dpa

„Иако сум политички противник на претседателот Христофијас и често ја критикувам неговата политика, не верувам дека овој кредит беше одобрен во замена за противуслуга.“

Зошто тогаш помош од Русија? Јанис Емануилидис објаснува:

„Постојат се разбира историско-културни врски, кои се стари не со децении, туку со векови, како и православни врски меѓу двете земји. Но постојат и цврсти економски интереси. Има руски инвеститори во Кипар, кои вложиле пари во кипарскиот банкарски сектор. Прашање е дали ако ситуацијата се влоши помошта ќе се повтори? Мислам дека кипарската страна ќе бара поддршка од европските партнери“, нагласува тој.

Преговорите со Турција се замрзнати

Кипар не само што ќе биде прва земја претседавач која ќе биде под чадорот за спас, туку и единствена со комунистички претседател. Таа е единствената поделена земја во ЕУ. Северниот дел на Кипар во 1974 година беше окупиран од Турција и се нарекува Турска Република Северен Кипар, но е признат како држава само од страна на Турција. Турција пак, не го признава јужниот дел на Кипар - Република Кипар, која е и членка на ЕУ. Директна последица на ваквата политика е што владата во Анкара, која води преговори за приклучување кон ЕУ, ќе ги бојкотира сите министерски совети на кои ќе се расправа за Турција, а со кои ќе претседава Кипар. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, смета дека ова е неподнослива ситуација:

Zypern Grenze UN
Границата на КипарФотографија: dapd

„Не е можно една земја да вели дека сака да стане членка на ЕУ, но да не признава друга земја која е веќе членка.“

Но ЕУ се разбира не може да ја принуди Турција. Кипарскиот европратеник Јоанис Касулидес на тоа гледа опуштено: „Тоа е нивна одлука. Мислам дека ќе им штети, но одлуката си е нивна“.

Кипарскиот претседател Христофијас смета дека постои опасност ситуацијата да го блокира претседавањето. За време на една неодамнешна посета на Брисел тој рече:

Scholz Europaparlament Debatte vor EU Gipfel
Мартин Шулц: Не е можно една земја да вели дека сака да стане членка на ЕУ, но да не признава друга земја која е веќе членкаФотографија: Reuters

„Наша цел е ЕУ поотворена кон светот и поблиска до соседите. На претседателот на Парламентот му дадов уверување дека сме подготвени да го продолжиме дијалогот за решение на кипарскиот проблем и за време на претседавањето со ЕУ, под услов, се разбира, другата страна тоа да го сака.“

Што ако дипломатскиот развој на ситуацијата се влоши? Претседателот на Европскиот парламент Шулц го уверил Христофијас дека „доколку Турција преземе други активности или мерки, кои денес ги нема, тогаш ЕУ сигурно ќе биде на страната на Кипар“. Сепак тој подвлекува дека не треба да се претерува. „Сите имаме интерес да дојде до разумна соарботка со Турција“, вели Шулц.