1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар добива нова рата од помошта на ЕУ

СН/АМ/ртр/дпа/миа/ап13 септември 2013

Земјите членки на еврозоната се договорија за исплата на натамошни 1,5 милијарди евра помош за финансиски загрозениот Кипар. Вкупниот волумен на договорената помош за островската земја изнедува 10 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/19hIi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Министрите за финансии од еврозоната дадоа зелено светло, како и што се очекуваше, за доделување на нова транша од помошта за Кипар во вредност од 1,5 милијарди евра.

Исплатата ќе почне кон крајот на овој месец по одобрение од Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ), фондот за поддршка на еврозоната, се наведува во соопштението на министрите објавено по средбата во Вилнус.

„Кипарските власти направија решителни чекори за да го стабилизираат финансискиот сектор, да ги исполнат фискалните цели и да забележат напредок во структурните реформи“, се додава во соопштението.

Истовремено, тие побараа од Никозија да продолжи со напорите, бидејќи „краткорочната економска перспектива се’ уште е тешка и изложена на значителна несигурност“.

Кипарскиот министер за финансии Харис Јоргиадис изјави дека Владата е максимално ангажирана, бидејќи „знае какви се проблемите и какви треба да бидат решенијата“. Во март годинава беше составен пакет со финансиска помош за Кипар во вредност од 10 милијарди евра. Земјата со месеци наназад уверува дека самата може да го санира загрозениот банкарски сектор. Истовремено земјата се наоѓа во рецесија.