1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар пред неизвесна иднина

С.Недевски/АТ/афп/апд/дпа/ртр20 март 2013

Справувањето со еврокризата сега и самото западна во криза. Кипарскиот парламент го отфрли договорениот спасувачки пакет. Сега на земјата и’ се заканува банкрот. Ќе стане ли на крајот Москва спасител на Никозија?

https://p.dw.com/p/180V4
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кипар забрзано се тетерави кон банкрот. Парламентот на оваа островска држава синоќа го отфрли спасувачкиот пакет договорен со земјите-партнери во еврозоната- пред се’ поради спорното принудно оданочување на депозитите во кипарските банки. Усвојувањето на оваа мерка беше предуслов за добивањето на паричната помош од ЕУ и од Меѓународниот монетарен фонд во висина од 10 милијарди, која треба да ја спаси земјата од финансиска пропаст. Меѓутоа одлуката на парламентот во Никозија беше повеќе од јасна. Од 55 присутни пратеници ниту еден не гласаше за пакетот, 36 гласаа против, а 19 се воздржаа од гласање.

Илјадници демонстранти на улиците на Никозија ја прославија оваа одлука на парламентот. „Кипар му припаѓа на неговиот народ“, „Обединет народ никогаш нема да биде победен“, извикуваа демонстрантите пред зградата на парламентот.

„На потег е владата во Никозија“

Zypern Bankenkirse Proteste am 19.03.2013
Фотографија: AFP/Getty Images

Отфрленото законско решение предвидуваше од принудната давачка да се изземат банкарските заштеди до 20 илјади евра, додека влоговите меѓу 20 и 100 илјади евра да бидат еднократно одданочени со стапка од 6,75 насто, а оние преку 100 илјади евра со 9,9 насто. Со оваа принудна давачка Кипар требаше самиот да собере 5,8 милијарди евра кои беа предуслов за добивањето на помошта од 10 милијарди евра од ЕУ и ММФ.

По отфрлањето на спасувачкиот пакет од страна на кипарскиот парламент Еврогрупата порача дека сега на потег е владата во Никозија. „Очекуваме контра-предлог со исто дејство“, беше порачано од Брисел. Шефот на Еврогрупата Жерон Дијселблом истовремено укажа на тоа дека понудата за помош од европските партнери и натаму важи. Меѓутоа Кипар мора самиот да ги собере договорените 5,8 милијарди евра. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле порача пак дека кипарскиот економски модел од ниски даноци и слаби контроли пропаднал. Тој истакна дека самите Кипрани се одговорни за кризата и оти самите замолиле за помош за избегнување на државен банкрот.

Новиот кипарски претседател Никос Анастасијадес има намера веќе денеска наутро да разговара со лидерите на кипарските партии за натамошните постапки. Засега меѓутоа нема сигнали за излез од кризата.

Русија -спасител на Кипар?

Zypern Schuldenkrise Proteste Zwangsabgabe Rettungsdeal
Фотографија: AFP/Getty Images

Поради неизвесноста околу спасувачкиот пакет кипарската берза нема да работи ни денеска, а банките се затворени од почетокот на неделава и би требало повторно да започнат со работа најрано утре. Потоа кипарската Централна банка стравува од навалица на банкарските благајни.

Владата во Никозија сега очигледно шпекулира на помош од Русија, чии богати граѓани имаат депонирано милијарди евра на банкарски сметки во Кипар. Претседателот Анастасијадес непосредно по неуспешното гласање во парламентот телефонски разговараше со својот руски колега Владимир Путин. Кипарскиот министер за финансии, Михалис Сарис пак веќе е во Москва за да разговара за продолжување на рокот за исплата на рускиот кредит во вредност од 2,5 милијарди евра. Официјални руски извори меѓутоа демантираа дека Кремљ, кој жестоко го критикуваше планираното принудно оданочување на депозитите во кипарските банки, би можел да му понуди повеќе пари на Кипар.