1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киплагат и Фарах се првите московски победници

Златко Калински, Москва11 август 2013

Се заврте мундијалското тркало! Првите златни добитници беа Кенијката Една Киплагат и Британецот Мо Фарах. Светот е во очекување на новиот спринтерски шампион. Хит на денешната програма е машкото финале на 100 метри.

https://p.dw.com/p/19NZj
Фотографија: Reuters

Кенијката Една Киплагат (насловна фотографија) е првата московска хероина. Истрча на улиците на руската метропола со желба да ја одбрани маратон титулата од пред две години во Даегу! Истрча тактички беспрекорна трка и успеа! „Среќна сум, освоив уште едно злато. Постигнатото време за некого е можеби необично,но јас имам навика да трчам изутрина, за разлика од овој маратон во Москва“, беа зборовите на 33 годишната Кенијка. Италијанката Валерија Странео сѐ до влезот на стадионот ја имаше улогата на главна хероина од московскиот маратон. Водеше за цело време, потклекна во финишот! Ако се знае дека Странео има 37 години и е мајка на две деца, овациите во нејзина чест беа со интензитет за победниците!

Британецот Мо Фарах дефинитивно е новиот крал во трките на долги патеки! Со рутински истрчаниот финиш на 10 илјади метри, најчесто недопирлив за конкурентите, Фарах ја комплетира златната колекција од најголемите атлетски натпреварувања, оставајќи го зад себе победникот од Даегу, Етиопјанецот Џејлан: „Јас сум многу возбуден, бидејќи го освоив медалот загубен пред две години во Даегу. Среќата ја надополнува и фактот дека е ова првиот златен медал за мојата земја во Москва!“, изјави Мо Фарах, роден во Сомалија, а спортската среќа ја доживува во дресот на Велика Британија.

Leichtathletik WM Moskau Mo Farah
Британскиот атлетичар Мо ФарахФотографија: Reuters

Магијата на трките на 100 метри

Машка „стотка“...финале! Натпреварувачката возбуда денеска се крева на максимум!Јохан Блејк е повреден. Младиот Јамајчанец нема да ја брани титулата од Даегу. Одново на сцена е Јусеин Болт. Го памети киксот од последното светско првенство кога поради погрешниот старт во финалето не полета до титулата. И денеска е апсолутен фаворит. Ветува дека неговата „молња“ ќе блесне и над небото на Москва. Џастин Гетлин му е единствениот реален опонент. Американецот, екс-олимпискиот шампион од Атина, се надева на можно повторување на трката од Рим од Дијамантската лига, кога успеа да го порази Болт. Во квалификациите Гетлин имаше подобар резултат: 9.99 наспроти 10.07 на Болт, но тоа не е никакво мерило за нивните вистински можности.

Големите „стотки“

Трките на 100 метри се посебна, можеби најсилната димензија во светот на атлетиката. Спринтерските шампиони се слават, остануваат во сеќавањата. Од 13-те досегашни мундијалски „стотки“ неколку имаат историски белези.

Се памети трката од Рим во 1987 година. Големо беше ривалството меѓу Бен Џонсон и Карл Луис. Канаѓанецот истрча феноменална трка! Со рекордни 9.83 надмоќно победи! Но, ова финале имаше дополнителен епилог! Поради допинг-скандалот следната година на Олимпијадата во Сеул, златниот медал му беше одземен на Џонсон и доделен на Луис, а светскиот рекорд избришан!

Jamaica's Usain Bolt crosses the finish line to win the men's 200m at the IAAF Diamond League athletics meeting in Saint-Denis, near Paris, on July 6, 2013. AFP PHOTO / BERTRAND GUAY (Photo credit should read BERTRAND GUAY/AFP/Getty Images)
Јусеин БолтФотографија: AFP/Getty Images

Финалето од Токио во 1991 година има антологиски димензии! Во наттрчувањето на спринтерските џинови победи Карл Луис со светски рекорд од 9.86! Тоа беше трка со историски карактер, една од најбрзите на сите времиња со дури 6-мина финалисти, кои истрчаа резултат под 10 секунди. Во тоа финале Луис го освои третиот свој последователен златен медал на светските првенства. Сличен подвиг оствари подоцна Американецот Морис Грин со победите во 1997,1999 и 2001-та година, но без да го собори светскиот рекорд.

Својата спринтерска величественост низ историјата на мундијалските „стотки“ своевремено ја демонстрираа и Британецот Линфорд Кристи, Канаѓанецот Донован Бејли, Американецот Тајсон Геј... На ова друштво на великани се надоврза Јусеин Болт. Позната е неговата желба да биде најдобар на најголемите атлетски натпреварувања, па на светското првенство во Берлин во 2009 година тој ја истрча најбрзата трка во историјата. Времето од 9 секунди и 58 и сега е актуелниот светски рекорд. Во возбудливото остварување на берлинскиот тартан, свој удел имаа и Тајсон Геј, Асафа Пауел, Бејли и Томпсон истрчувајќи побрзо од 10 секунди. Сепак Болт ја собра славата! Неговата харизматичност силно зрачи и денеска во Москва.

Светот е во очекување на нова спектакуларна „стотка“, можеби и со нов златен запис за атлетската историја.