1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кирил Џајковски: Предизвик ми е традиционалната музика - во оригинален спој

Сузана Тодоровска-Павлоска3 октомври 2012

Колку што најновото македонско кинематографско остварување „Трето полувреме“ ја крена на нозе културната јавност, исто толку возбудува и моќната, оригинално за филмот создадена музичка емоција на Кирил Џајковски.

https://p.dw.com/p/16JId
Фотографија: Kiril Dzajkovski

Најпродуктивниот македонски композитор на филмска и театарска музика и електронски артист Кирил Џајковски повторно е автор на композициите за еден значаен македонски филм. Во музиката за „Трето полувреме“ со многу чувство се испреплетуваат новиот звук и традиционалната музика. Во интервјуто за ДВ тој зборува за предизвикот да работи музика за филм и верува дека со новата македонска филмска продукција ќе се промовира домашното филмско музичко творештво.

Различни, но инспиративни филмови

ДВ: Речиси истовремено требаше да работите на два филма кои покрај естетската посебност, авторските сензибилитети и историските контексти, сепак ја имаат за заедничка- љубовта. Кој беше предизвикот да се работи на музиката за „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски?

Кирил Џајковски: „Историскиот контекст даваше одредени жанровски појдовни точки, но се согласувам дека фокус беше љубовта и на некој начин движечка сила во двете приказни. Но, тоа беше една димензија и во двете дејствија постојат испреплетени ликови и приказни, давајќи основа за еден покомплексен пристап во однос на музиката и нејзиниот карактер.“

Како се чувствувате со успехот на „Трето полувреме“-македонски кандидат за номинација за Оскар и што очекувате?

Kiril Dzajkovski
Фотографија: Kiril Dzajkovski

„Допрва очекувам големи резултати од овој проект. Потресната љубовна приказна сместена во еден турбулентен историски период има навистина безвременски карактер и сигурен сум дека ќе освои многу срца на интернационалната филмска сцена.“

Традиционалната музика во оригинална фузија

Многу вешто и со свежина во пристапот, посегнувате и по македонската традиционална музика. Креативно ве провоцира и возбудува македонското музичко наследство...генот...?

„Традиционалната музика секогаш е голема инспирација. И се трудам тоа експериментирање да биде со најголема почит кон нашето културно наследство. Во функција на оригинален склоп и интересна фузија, нешто што отсекогаш и наново ми претставува огромен предизвик.“

Најважна е соработката композитор- режисер

Каква музика ќе има филмот зависи од приказната, режисерот, продуцентот, инспирацијата или од сите овие елементи заедно ?

„Сите наведени елементи имаат свое влијание, но мислам дека е пресудна соработката помеѓу композиторот и режисерот. Тоа е одлучувачката спрега од која зависи финалната концепција во однос на комплетирањето на музичката подлога. Обично претходат дискусии со режисерот во однос на најважните аспекти на саундтракот.“

Беше задоволство да работите со Дарко Митревски, Милчо Манчевски, Иво Трајков(Големата вода“)?

„Соработката со сите режисери беше извонредна. Постоеше одличен баланс меѓу потребните режисерски насоки и самостојноста во музичкото истражување. Сето тоа многу позитивно влијаеше на финалниот резултат.“

Формула за квалитетна филмска музика?

„Звукот и музиката се најголемите заводници во еден филм“, кажал режисерот Френсис Форд Копола. Каков пристап имате во работењето на музика за еден филм?

„Не верувам дека постои некоја формула или пак дефиниција. Секако, во самиот процес на создавање се формираат одредени параметри кои неминовно се наметнуваат во однос на вклопувањето на музиката со сликата. Но, обично тоа се нешта од техничка природа. Креативниот импулс е сепак тоа што ќе се обиде да се вклопи во филмската магија и ќе обезбеди звучна димензија на дадената приказна.“

Изгледа дека е потребна извонредна музичка и визуелна култура за да се создаде оригинална филмска музика?

„За да се работи на филм, мора да се познава филмот. Некако е природно да се развива сопствената филмска култура за да може да се разбере одредено авторско дело и да се навлезе во самата емотивна природа.“

Промоција на филмско-музичко творештво

Kiril Dzajkovski
Фотографија: Kiril Dzajkovski

Мислите дека со ревитализирањето и континуитетот во македонската филмска продукција ќе се создадат можности за промовирање на домашното филмско-музичко творештво ?

Тоа е процес кој паралелно ќе си се надоградува токму со континуираната филмска продукција, а по правилата на нештата ќе помогне и за промовирање на филмското музичко творештво за кое барем според моето искуство има навистина голем интерес кај нашата, но и меѓународната публика.

Нов филмски проект или ново издание на електронска музика ?

Пак ќе ја освојувате публиката како уметник на електро звукот, на концертите на најголемите музички фестивали (наскоро Франција...декември Таксират ...) како досега?

Овој месец ќе се појави во дигитална дистрибуција моето ново издание на електронска музика. Се работи за мини албум од 6 композиции, кој е најава на албумот кој се надевам ќе се појави на пазарот до крајот на годината. Следат и неколку настапи на музички фестивали во Франција, а потоа се надевам и на издание на целокупната музика од “Трето Полувреме” и “Балканот не е мртов” на компакт диск и секако онлајн дистрибуција.