1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клемент во Бугарија и Романија

10 март 2004

Германскиот министер за економија, Волфганг Клемент, денеска се врати од неколкудневната посета на Бугарија и Романија. Во Букурешт се потпишани голем број договори за економска соработка, а во Софија министерот отвори Германска трговска комора.

https://p.dw.com/p/AeRo
Волфганг Клемент - министер за економија
Волфганг Клемент - министер за економијаФотографија: AP

За време на тридневната посета во Романија и Бугарија стануваше збор пред се за едно – за бизнис. Затоа министерот за економија не отпатува сам:

”Колку што се сеќавам, ова беше најголемата и квалитативно најдобрата делегација која некогаш била во Централно-источна Европа. Веруваме дека дома дојдовме со навистина добри, конкретни резултати”, вели Клаус Манголд, претседател на Комисијата на германската економија за исток.

Германските претпријатија се вбројуваат меѓу главните лиферанти на производи и најголемите инвеститори во двете земји. Знаците укажуваат на натамошен развој. Бугарија и Романија треба да бидат примени во ЕУ во 2007 година, а дотогаш нивните пазари мораат и натаму да се отвораат, како и да се продолжи со приватизација на државните претпријатија. Клемент, по завршувањето на патувањето е оптимист:

”Многу сме заинтересирани што се однесува до приклучувањето. Ние нудиме се што може да се стави на располагање за приклучувањето да успее навреме и сигналите и она што овде го видовме, говорат дека во тоа и ќе се успее.”

Пример од Романија: таму претстои приватизација на гасната мрежа и германските претпријатија како Рургас или Винтершал сакаат да имаат барем фер шанса на еден регулиран тендер. Министерот Клемент говореше и околу распределбата на парите на ЕУ за поттикнување на земјоделството. Тие треба да одат во прилог и на германските претпријатија во форма на договори за производителите на земјоделски машини. Клемент помага каде што може. Но, тоа е важно не само поради економски причини:

”Стабилизирањето на ЈИЕ за нас е од големо политичко, културно и безбедносно значење. Од наш аспект двете земји се фактори на стабилност.”

И, кај темата безбедност и стабилност, кругот се затвора. Зашто и во обезбедувањето на надворешните граници на ЕУ во Бугарија и Романија на потег треба да се најдат германските фирми за вооружување.