1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон во болница поради тромб

ЖА/дв/миа31 декември 2012

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон вчера (30.12) била хоспитализирана во болница во Њујорк, откако лекарите откриле тромб кој би можел да предизвика опасност по нејзиното здравје.

https://p.dw.com/p/17BU7
Фотографија: dapd

Клинтон (65) не се појавува во јавноста веќе трета недела. Таа боледуваше од стомачен вирус, по што, на 9 декември, паднала во нејзиниот дом и ја удрила главата.

Лекарите кои се грижат за неа засега не објавуваат дали откриениот тромб бил лоциран во главата или во друг дел на телото.

Медиумите шпекулираат со можноста од тромб во ногата, поради долгиот период кој Клинтон го минала во постела. Во 1998 година Хилари Клинтон била лекувана поради сериозен тромб во ногата.

Клинтон, која се очекува да ја напушти функцијата набргу по инаугурацијата на претседателот Барак Обама на 20 јануари, го откажа сведочењето пред комисиите за надворешни работи на Сенатот и на Претставничкиот дом на Конгресот, поради болеста. Таа требаше да сведочи за нападот врз конзулатот на САД во либискиот град Бенгази, во кој беа убиени амбасадорот Кристофер Стивенс и уште тројца Американци.

Клинтон важеше за еден од најсериозните кандидати за претседателската номинација на Демократската партија во 2016 година, кога истекува вториот мандат на претседателот Обама. Таа се бореше за номинацијата во 2008 година, но загуби на партиските избори од Обама.