1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон излезе од болница

ЕМФ/миа3 јануари 2013

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон е отпуштена од болницата во Њујорк, каде мина три дена поради тромб во вената во близина на мозокот, соопшти Стејт департмент.

https://p.dw.com/p/17ClO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Заменик помошникот државен секретар Филип Рејнс изјави дека Хилари Клинтон, според трвдењата на нејзиниот медицински тим, добро напредува во секој поглед и наскоро ќе закрепне.

Рејнс додаде дека Клинтон е задоволна со исклучителната нега, која ја добила во болницата и оти едвај чека да се врати на работа, а датумот на нејзиното враќање во Стејт департментот се‘ уште не е утврден.

Клинтон беше задржана на лекување во неделата, отако за време на прегледот е утврдено дека во вената меѓу черепот и мозокот има згрутчување и е проценето дека во болница треба да остане најмалку 48 часа. Нејзините лекари претходно изјавија дека тромбот не предизвикал мозочен удар, ниту невролошки оштетувања.

Американската министерка не е видена во јавноста речиси четири недели, откако доби стомачен вирус на враќањето од Европа на 7 декември, поради што ја откажа посетата на северна Африка. По инфекцијата таа дехидрирала, а потоа загубила свест и доживеала потрес на мозокот, кој, како што се претпоставува, го предизвикал тромбот.