1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон: Србија не мора да го признае Косово

БГ/миа/макфакс/бета31 октомври 2012

Белград не мора да ја признае независноста на Приштина, но мора да постигне видлив напредок во односите, порачаа американската државна секретарка и европската дипломатка во Белград.

https://p.dw.com/p/16ZqW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Србија не мора да ја признае независноста на Косово, а САД нема да поддржат промена на границите во Европа, се пораките што во вторник попладне ги упатиле до српскиот државен врв американскиот државен секретар Хилари Клинтон и високиот претставник на Европската унија за безбедност и надворешна политика Кетрин Ештон, на состанокот во Белград.

По средбата со српскиот претседател Томислав Николиќ и премиерот Ивица Дачиќ, Клинтон и Ештон истакнаа на заедничката прес-конференција дека поттиците за почеток на дијалогот не значат дека Србија треба да го признае Косово, туку дека од дијалогот се очекува видлив и одржлив напредок во односите меѓу Белград и Приштина.

Клинтон и Ештон денеска во Приштина, третата станица во рамки на нивната балканска турнеја, ќе разговараат со косовските официјални претставници. Тие ќе се сретнат со претседателот на Косово Атифете Јахјага, премиерот Хашим Тачи, потпретседателот на косовската Влада Слободан Петровиќ и со лидерите на политичките партии.

Вчера во Сараево, Клинтон и Ештон им порачаа на политичките лидери во БиХ дека мораат да пронајдат „заедничко тло“ и да работат во интерес на државата, истакнувајќи дека е неприфатливо доведувањето во прашање на суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. По состанокот со тричленото Претседателство на БиХ, тие истакнаа дека САД и ЕУ и даваат целосна поддршка на мултиетничката БиХ и остануваат на тој пат.