1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон ја предупредува Москва поради Сирија

АТ/ СН/миа/ афп14 јуни 2012

Шефовите на дипломатиите на САД и на Русија разменија остри зборови за ситуацијата во Сирија. Амнести интернешнл ја обвинува владата во Дамаск за систематско насилство врз цивилите.

https://p.dw.com/p/15EIq
Фотографија: AP

Сирија е на прагот од граѓанска војна со тоа што Русија испраќа оружје на режимот во Дамаск, изјави американскиот државен секретар Хилари Клинтон.

„Во повеќе наврати апелиравме до руската Влада да ги прекине воените врски со Сирија. Оценуваме дека Сирија се движи кон граѓанска војна и сега е време меѓународната заедница да биде единствена“, посочи Клинтон.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вчера за време на посетата на Иран, изјави дека целото оружје што Москва и го продава на Сирија, единствено е за одбранбени цели, а не е наменето за употреба против демонстрантите.

„Со продажбата на руско оружје на Сирија не се крши ниту еден меѓународен закон, а Русија не го поддржа ембаргото за оружје на западните држави“, истакна Лавров.

Организацијата за човекови права Амнести интернешнл, во извештај објавен вчера, ја обвини Сирија дека во односот против наводните поддржувачи на бунтовниците вршела воени злосторства и злосторства против човештвото. Повикувајќи се на информации на очевидци од 23 градови и села, Амнести ги обвинува војниците и членовите на Шабија милициите дека систематски извршувале насилство врз цивилите.