1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клучен вторник за демократите

Кристина Бергман4 март 2008

Овој вторник се смета за најважен датум во предизборната трка за претседателски кандидат кај демократите. Од исходот на гласањето во четири држави се очекува да падне и одлуката. Кампањата станува се потешка.

https://p.dw.com/p/DHmV
Кој ќе ја добие партиската доверба, Клинтон или ОбамаФотографија: AP

„Сега е три часот наутро и вашите деца сигурно цврсто спијат, но во Белата куќа ѕвони телефон. Некаде во светот се случило нешто. Вашиот глас одлучува, кој ќе одговори на овој повик.“

Вака почнува рекламниот спот на Хилари Клинтон. На екранот се гледаат деца кои мирно спијат, нивната загрижена мајка, и поранешната прва дама која одговара на телефонскиот повик. Спотот почнува со глас кој помалку предизвикува страв. Токму заплашувањето на избирачите, демократите го критикуваа кај ко несериозно однесување на републиканците на претходните избори. Но, се чини дека Хилари Клинтон сега предвидува некаква имагинарна катастрофа, и сака да ги убеди избирачите дека во кризна ситуација таа ќе може да го донесе вистинското решение. Во минатонеделната ТВ емисија „Соочи се со нацијата“ на СиБиСи, демократскиот сенатор Еван Бај даде уште поголеми предупредувања од оние во спотот на Хилари. Еван Бај ја поддржува Хилари и е член на одборот на разузнавачката служба во Сенатот.

„Пред неколку дена имавме сослушување во одборот и тогаш ни беше речено дека не е прашање дали Ал Каида ќе изврши напад, туку кога? Живееме во еден опасен свет...“

Толку ли е далеку Клинотон од победа?

Hillary Clinton bei Vorwahl in Texas
На Хилари и е потребна победа во ТексасФотографија: AP

Набљудувачите се прашуваат дали Хилари Клинтон во моментов е толку далеку од победата и мора да се користи со вакви средства? Доктор Ирвин Редленер го предводи Националниот центар за заштита од катастрофи на њујоршкиот Колумбија универзитет. Тој е педијатар и со Хилари Клинтон работи уште од 1993 година, во рамките на нејзината иницијатива за реформа на системот за здравствено осигурување. Вели дека овој вторник за госпоѓа Клинтон е критичен момент во предизборната трка, како никогаш досега и дека таа затоа ги предупредува гласачите во споменатиот рекламен спот.

„Таа се обидува да ги потсети луѓето дека располага со неопходните средства и доволно искуство за да се справи со било која криза“.

Како дојде до ваков пресврт на настаните?

Минатото лето изгледаше дека номинацијата на Клинтон за претседателски кандидат е работа разбирлива сама по себе. Др. Редленер објаснува.

„Никој не веруваше дека главниот конкурент на Хилари Клинтон ќе и биде една таква харизматична личност како што е Барак Обама. Тој е добар борец во кампањата и добар кандидат. Сметам дека предизборната кампања е потешка отколку што се очекуваше“. Веќе сега се се’ погласни оние кои од Хилари бараат да ја повлече кандидатурата во случај да ги загуби и денешните предизборни гласања во Тексас и Охајо. Гувернерот од Њу Мексико, Бил Ричардсон, кој веќе излезе од трката исто така за СиБиЕс рече:

„По овој вторник треба да имаме позитивна изборна кампања, кампања која ќе биде во интерес на демократите. Оној кој ќе добие најмногу гласови од делегатите, и кој ќе има јасно водство, според мене, тој треба да биде демократскиот кандидат за претседател.“ И поранешниот претседател и маж на Хилари Клинтон, Бил призна дека овој „мал супер вторник“ е најважен за неговата сопруга. Последните анкети покажуваат дека ќе се води рамноправна трка. Следните избори се закажани за 22 април во државата Пенсилванија, каде исто така има многу делегати чии гласови им се потребни на Клинтон и Обама.