1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клучен, но не и пресуден момент за Бугарија и Романија на патот кон ЕУ

Бернд Ригерт / Зоран Јордановски16 мај 2006

Денеска европската Комисијата треба да се изјасни околу терминот за нивно пристапување кон Унијата

https://p.dw.com/p/Ac6Z
Ханс-Герт Петеринг
Ханс-Герт ПетерингФотографија: dpa

Сигналите од Брисел велат дека еврокомесарот за проширување Оли Рен ќе предложи пристапот да биде во предвидениот термин – 1-ви јануари 2007-ма година, но тоа да биде условено. Во документот што треба да служи како основа за денешната дискусија, се бара обете земји до октомври годинава да ги започнат одамна неопходните реформи за создавање независно правосудството, потоа да преземат енергични мерки против корупцијата и организираниот криминал.

Особено критички се гледа врз Бугарија, каде според Комисијата, борбата против корупцијата се’ уште не донесе задоволителни резултати. Загрижувачки е и големиот број нерасветлени убиства по нарачка. Од последниот редовен извештај на Комисијата за остварениот напредок, во Бугарија е редуцирана листата на критични точки од 16 на шест, додека Романија има уште 4 критични пунктови. Тука Комисијата бара итно дејствување.

Доколку не бидат исполнети зададените услови, Комисијата на есен уште би можела на Министерскиот совет на ЕУ да му препорача приемот да се одложи до 2008-ма година.

„Не беше грешка на Бугарија и Романија генерално да им се каже: можете да бидете членки на ЕУ, но од денешен агол на гледање секако беше грешка да се наведат тие датуми – 1-ви јануари 2007-ма или истиот термин во 2008-ма година. Но, откако е направена таа грешка од страна на шефовите на држави или на влади, кои ги определија тие датуми, сега мора одговорно да постапуваме со нив, а тоа значи да се одржи притисокот и потоа, по потреба, да се применат и заштитните клаузули“ – вели шефот на фракцијата на Европските народни партии во европарламентот Ханс-Герт Петеринг.

Во секој случај, и овој пат ќе пресудат шефовите на држави или на влади на самитот во јуни, но нема многу сомневање дека тие ќе ја следат препораката што денеска ќе ја донесе Комисијата на ЕУ. „Комисијата ќе најде пат за однесување спрема опишаните дефицити. Не сакам однапред да критикувам или да делам лекции. Во секој случај, во Германија ќе го подготвиме процесот на ратификација така што тој ќе заврши на почетокот на декември, па ќе биде можен приемот на 1-ви јануари 2007-ма година“ – вели за Дојче Веле германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.

Европската Комисија во документот вели дека двете земји ќе бидат ставени под тригодишен мониторинг, со кој стриктно ќе биде проверувано исполнувањето на договорените реформи. При негативен резултат од мониторингот, предвидено е запирање на финасиската помош. На двете поранешни земји на источниот блок во писмена форма им е гарантиран прием најдоцна во 2008-ма година. Договорите за пристап свечено беа потпишани лани. Доколку сепак не бидат исполнети условите наложени од Комисијата, ЕУ може да ги примени и заштитните клаузули од договорот, кои би воделе кон ограничување на членските права.