1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Книжевното преведување-меѓу уметност и бизнис

4 октомври 2011

Голема е понудата на преведени книжевни дела од странски автори во македонските книжарници. Но, често дискутабилен е квалитетот на преводите. Дали преведувањето на едно книжевно дело денес повеќе е бизнис во Македонија?

https://p.dw.com/p/12kbf
Фотографија: DW

Кога читате книга преведена на македонски јазик и кога името на големиот ренесансен сликар Микеланџело ќе го сретнете како „Мајкл Анџело“ или кога  качувањето по скали во меѓувреме станало „пењање по скали“ и секако, доколку како читател имате барем трошка критичност кон книгите што ги имате пред себе, веројатно најпрвин ќе прашате за преведувачот на делото. Ова се само неколку од бројните примери на крупни грешки и смешни пропусти во некои од најновите преводи на македонски јазик.

Што велат пребирливите читатели , оние кои редовно следат што има ново во домашните книжарници?

„Постои едиција на преведени дела од Фројд во кои и самиот термин психоанализа не можете да го препознаете. Зад ваквите дела стојат преведувачи кои никогаш не учеле за преведувачи, кои најчесто преведуваат од српски јазик без разлика кој е оригиналниот“, ни изјави една читателка.

„Се оди дотаму што се губи смислата и самиот контекст на кажаното во преводот. Се користат и несоодветни зборови кои звучат смешно. Се сретнувам и со преводи на лични имиња“, го пренесува своето искуство друга читателка.

 Последиците од „лошата книга“ која вака не може да ја исполни својата културна мисија, се трајни- вели Ненад Стевовиќ, главен и одговорен уредник во издавачката куќа „Или-Или“.

Stand Mazedonien - Frankfurt Buchmesse
Фотографија: DW

„Многу често кај нас доаѓаат читатели кои реагираат на лошите предводи. За среќа тука не спаѓа продукцијата на ’Или-Или’. Сметам дека водиме грижа за квалитетот на преводот. Тоа се врежува меѓу читателите особено доколку не постои свест за тоа што е добар, а што лош превод туку се трча по некоја  приказна, по дејствието па добриот или лошиот превод многу не се забележува“.

 Гаранција за добар книжевен превод?

„Превод направен од личност која ги познава делата на авторот и која има подлабоки познавања од одредената литература,  е гаранција дека македонскиот превод ќе биде со висок квалитет“, вели Бојан Саздов, уредник во Издавачкиот центар „Три“.

„Нашиот критериум е преведувачите кои ги ангажираме да бидат адекватни, соодветни . Кај нас постои нешто што се вика уредничко читање, контрола на преведеното дело. Делото секогаш се прави да биде најдобро и најчитливо“.

Јазикот на преведувањето не се наоѓа во речник!

За само 1 и пол евро за превод на страница се  ангажираат млади и неискусни луѓе. Често не се преведува од оригиналниот јазик туку од превод- се жалат дел од издавачите.

Огнен Чемерски, предавач по предметот книжевен превод на Филолошкиот факултет во Скопје, одговорноста за лошите книжевни преводи ја лоцира кај самите издавачи кога за да издадат книжевен класик или бестселер за кратко време и за ниска цена, ангажираат неискусни преведувачи кои за 1 месец треба да преведат и до 300 страници ! Тој смета дека делото треба да се преведува толку долго колку што го пишувал авторот.

„Очигледно дека тоа пазарот го наметнува. Но, борбата со тоа треба да ја водат самите преведувачи. Тука е нивната одговорност. Преведувањето станало занаетска работа. Денес со превод се занимава секој.

Во денешните преводи гледам некаков полумакедонски јазик, нешто што не е ни македонски јазик. Тоа е срамно и дрско од страна на голем број преведувачи кои си го дозволуваат луксузот да нафрлаат зборови со некаква туѓа синтакса. Според мене издавачите треба да имаат повисока професионална свест. И  Министерството за култура финасира преводи и сето тоа се прави на ’чесен збор’ дека преводот ќе биде добар па се исплаќаат неквалитетни преводи.

Ќе дадам еден пример: ’Моби Дик’ го работам 10 години- истражувам, одам со рибари, разговарам, го учам јазикот на рибарите и морнарите. Вложив огромни пари во речници. Меѓутоа, сите тие речници се бескорисни. Јазикот е на друго место, а не во речникот“.

Mazedonien Literatur Übersetzer
Стефан Симоски, претседател на Советот на книжевни преведувачиФотографија: Sveto Toevski

За изместените алки во синџирот...

Има многу издавачи кои се појавија во оваа сива зона, ја користат ситуацијата и финансиски работат мошне добро, вели Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или-Или“. За жал, неквалитетните преводи ќе ги најдете и во библиотеките –таму каде селекцијата треба да биде далеку посериозна.

Анализата на преведените дела од капиталниот проект на Министерството за култура „Превод на литературни дела на добитници на Нобелова награда за литература" укажува на низа пропусти и импровизации во преводите. Дури 50% од овие преводи се со релативно лош квалитет, вели Стефан Симоски, претседател на Советот на книжевните преведувачи

„Вината треба да се бара и во контроверзниот Закон за употребата на македонскиот јазик кој предвидува дека лектори можат да бидат само оние кои завршиле студии по македонски јазик и никој друг. И во проектите на министерството и во приватниот сектор, издавачките куќи се тие кои ги избираат преведувачите и лекторите. Во западните земји постои практика да се ангажираат двајца рецензенти на превод. За жал, во издавачката дејност кај нас знаеме колку и како функционира тоа. Сепак, ако делото не е во духот на македонскиот јазик, тогаш тоа исто така треба да се третира како неквалитет“.

Искуствата на домашните издавачи со конкурирањето во европските институции  говорат дека е можно да се воспостават правила на игра за квалитетно преведени дела.

Неопходни се еснафски стандарди за квалитет и заштита на издавачката дејност, а оттука и правила во делот на преведувањето што треба да ги наметне Министерството за култура.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Симе Недевски