1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коалиција на скептици против спасот на еврото

Руперт Видервалд / Александар Методијев14 јули 2012

Политичари од различни партиски провиниенции во Германија се здружија со една цел: да се спротивстават на обидите да се спаси еврото по секоја цена, а притоа, според нив, да се загрози и опстанокот на Германија

https://p.dw.com/p/15TtC
Фотографија: reuters

Тие доаѓаат од сите политички партии, но се обединети во нивното отфрлање на фондовите за спас на еврото. Тие имаат сосема различни аргументи, но заеднички го отфрлаат фискалниот пакт и пакетот за спас на еврото. Тие се конзервативци, либерали или екстремни левичари.

„Јас сум Катја Кипинг, лидер на партијата на Левицата. Левицата е против фискален пакт, бидејќи тој води директно во социјални кратења“.

Фискалниот пакт, туркан од Ангела Меркел, им забранува на европските земји да натрупуваат нови долгови. Тоа за Катја Кипинг и Левицата е погрешен пат за излез од кризата. Самата Германија би морала секоја година да заштеди по 25 милиони евра. Левицата стравува дека оваа политика на штедење ќе ги погоди сиромашните. Тие како пример ги посочуваат Грција и Шпанија, каде невработеноста и сиромаштијата растат од почетокот на политиката на штедење, а со тоа и социјалната несигурност. Не расте само економијата.

„Финансиската криза, еврокризата не е создадена поради тоа што има земји со долгови, туку еврокризата делумно е предизвикана со нашето дозволување на случувањата на финансиските пазари, без нешто да се направи. Како второ, таа се создаде затоа што имаме криза со финансирањето во државите. За борбата со финансиската криза потребно е зголемување на даноците, на пример, преку оданочување на посебно големото богатство“, вели Катја Кипинг.

FDP Frank Schäffler
Франк Шефлер, ФДПФотографија: www.frank-schaeffler.de /studio kohlmeier

И за овој критичар фискалниот пакт не е доволен. Германија ќе треба да биде двапати поодговорна за нечии позајмувања и така да стане европски шампион во плаќања.

„Моето име е Франк Шефлер. Јас сум член на германскиот Бундестаг од ФДП. Очигледно во ова спасување на еврото се работи за тоа долговите во Европа да станат социјализирани, што создава многу погрешни иницијативи и не го спасува еврото, а нема да ја спаси ниту Европа“.

Должнички вртлог

Овде станува збор за страв од печатење пари. Веќе Германија гарантираше со повеќе од триста милијарди евра – пари за спас од државен банкрот на другите земји. Уште поголеми суми треба да одобри Бундестагот, а се’ помали се придржувањата до оригиналните правила за европската валута. На пример, дека ниту една земја не треба да застане зад долговите на друга земја. Но, токму тоа се случува и тоа му предизвикува грижи на Шефлер. Така, ако Германија гарантира, а другите не мораат ништо да платат за своите грешки, тогаш ништо нема да се промени. Тоа е закана за нешто од што Германците стравуваат: девалвација на своите пари.

„Германија ќе биде се’ повеќе вовлечена во овој должнички вртлог, а резултатот од тоа е инфлација. На крајот од инфлацијата заштедените средства од сите нас ќе бидат уништени. Ние во Европа мораме да се вратиме на Европа со законодавство, а тоа значи дека оној што ќе потпише договори мора и да се држи до нив и мора во исто време, кога нешто ќе тргне наопаку, сам да си ги сноси негативните последици. Тоа значи земјите да не живеат над своите можности и да велат дека некој друг мора тоа да го плати. Тоа не може така да функционира“, вели Шефлер..

Законодавството го загрижува и овој критичар. Тој стравува од европска супер држава, во која народот нема што да каже.

„Моето име е Петер Гаувајлер. Јас сум пратеник од Минхен и јас се борам за тоа европските договори да бидат изнесени на референдум“.

Многу работа за Уставниот суд

Во Бундестагот до сега е одлучено за се’ што ја врзува Германија со ЕУ, па и за сегашната заедничка валута одлучија претставниците на народот. Европскиот фонд за спас и фискалниот пакт на Ангела Меркел отидоа предалеку, вели Гаувајлер. Спречувањето на долговите му го зема најзначајното право на Парламентот – да одлучува за парите.

Bundestag Übersicht Parlament
Германскиот БундестагФотографија: picture alliance / dpa

„Сега ние сме во ситуација на европска почва да се формираат ризични финансиски тела, должнички тела, во кои Германците се главни плаќачи. Мислам дека повеќе не е прифатливо да одлучуваме во Бундестагот за трансфер на таквите права без референдум. Нам тука ни треба легитимитет, а него го дава народот“, смета Гаувајлер.

Ова не е единствено размислување. Речиси 15.000 луѓе се жалат пред Уставниот суд и бараат од него да принуди на референдум. Не затоа што тие не го сакаат еврото или неговиот спас, туку исто како и нашите тројца критичари се загрижени како тоа ќе се направи.