1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коалиција Црвенковски-Георгиевски е ризичен потег

Костадин Делимитов 5 април 2012

Вонпарламентарната опозиција е пред здружување. Откако СДСМ јавно повика на окрупнување на опозицискиот фронт, ВМРО-Народна, ЛДП, Достоинство и ОМ демонстрираа расположение за евентуална поддршка на иницијативата.

https://p.dw.com/p/14Y06
Седиштетот на СДСМФотографија: Petar Stojanovski

Актуелната политичка состојба во која се наоѓа Македонија дава реален повод за организација на сите релевантни политички партии, невладини организации и поединци против актуелната власт, коментира за Дојче веле политичкиот аналитичар Мерсел Биљали. Состојбата во државата според него е драматична и може дополнително да се компликува доколку не се реагира. Сепак тој предупредува дека иницијативата за формирање опозициски фронт сама по себе не е гаранција за успех:

„Јас имам една резерва дека сепак на овој тим што треба да се формира му е потребна нова магија, нови луѓе кои ќе привлечат повеќе внимание од луѓето кои подолго време беа експлоатирани во политиката. Мислам дека треба да се направи еден бајпас, за да се остави впечаток, дека ќе се отиде на сосема нови реформи, нови луѓе. Не можете да привлечете внимание ако не се создаде едно ново магнетно поле. Нас ни е потребно севкупно реновирање, затоа што за да се смени овој политички менталитет првенствено се потребни нови луѓе. Тука е мојата скепса, објективно многу е потребно зашто во спротивно се движиме кон многу опасен кањон“, коментира Биљали.

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Мерсел БиљалиФотографија: Fatos Musliu

Политикологот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања не прогнозира какви било позначајни поместувања. За него е проблематично што заедничкиот фронт се договара меѓу партии кои имаат сериозни не само идеолошки туку и персонални разлики. Тој смета, дека е невозможно гласачите да поддржат фронт, во кој на иста страна би биле Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски:

„Како тие гласачи, од кои најголем дел се условно кажано тврдокорни вмровци од деведесетите години, за кои најголем непријател е токму Бранко Црвенковски, сега ќе бидат убедени да гласаат за него. Бидејќи тоа им е јасно, претпоставувам дека се прави некој бајпас тоа да оди преку ЛДП како медијатор. Значи ВМРО-НП, односно Љубчо Георгиевски да направи коалиција со либерал демократите и потоа тие да направат коалиција со СДСМ. Но, не се луѓето толку политички необразовани за да не знаат за кого или како гласаат. Затоа самиот потег е многу ризичен, иако кај нас има чудни коалиции, секогаш имало и ќе има и не само кај нас од идеолошки спротивставени опции. Во случајов проблемот е тоа што е на персонално ниво. Значи ние имаме политичка инкопатибилност на персонално ниво“, смета Божиновски.

Prime Minister Ljubcho Georgievski
Љубчо ГеоргиевскиФотографија: AP

Партиски извори за Дојче веле не ја исклучуваат можноста здружената опозиција да се официјализира пред самитот на НАТО во Чикаго. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека здружена опозиција во Македонија се создала уште во 2006 година која ја симнала власта на СДСМ.