1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога Азија подобро економски би соработувала...

Андреас Бекер/ Симе Недевски28 април 2013

Азиската економија расте многу побрзо отколку европската. Но таа би можела да расте уште побрзо кога азиските сили потесно би соработувале меѓусебно.

https://p.dw.com/p/18Ini
Фотографија: ddp images

Се’ што ја стимулира меѓународната стоковна размена е добро. Тоа е пораката која постојано ја повторуваат Светската трговска организација (СТО), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка. Со развојот на трговијата во Азија, чиј волумен од 2000 година наваму трикратно се зголемил, би можел да биде задоволен и Наојуки Шиохара, еден од замениците на претседателката на ММФ, Кристин Лагард. Но тој сепак не е задоволен. Бидејќи ако подобро се погледне на обликот на трговијата во Азија, на виделина излегува фактот оти се работи исклучиво за меѓупроизводи, на пример за одделни компоненти за компјутери кои се произведуваат насекаде во Азија, а се склопуваат во Кина. Тоа е се’ уште дел на доставувачки синџир на кој Азија му го должи својот долгогодишен стопански раст: евтино производство за западните пазари.

Потрага по нови пазари

Но тој тренд во моментов се менува. „Досега производството во Азија во потполност зависеше од побарувачката од Запад. Сега азиските компании засилено развиваат и производи за азиските пазари. И фирмите од Запад се вртат кон растечкиот азиски пазар“, вели Ендрју Шенг, претседател на Глобал институтот од Хонг Конг. „Виновникот“ за овој тренд е растечката азиска средна класа. Но азиските стопанства засилено бараат и нови пазари. „Азија сега тргува и со Африка, Латинска Америка и со арапските земји. Единствено затоа нашиот економски баланс е се’ уште позитивен. Да се потпираме само на кризна Европа и на САД не би било така“, вели Зети Актар Азиз, гувернерка на Цантралната банка на Малезија. Трговијата со т.н. растечки економски сили низ целиот свет расте.

IWF Weltbank 2013 Zeti Akhtar Aziz
Зети Актар Азиз, гувернерка на Цантралната банка на МалезијаФотографија: DW/A. Becker

Пречки за малите и средните предприемачи

Но и земјите во азискиот регион би можеле подобро да соработуваат меѓусебно. Најголемата пречка за тоа е целата сила на регионалните договори и спогодби. Тие иако укинуваат некои досегашни трговски бариери, истовремено и го блокираат натамошниот развој на трговијата. „Голем број на договори на некој начин ги исклучуваат малите и средни претпријатија и тоа мораме да го спречиме“, вели индонезиската министерка за туризам и креативна економија Мари Пангесту. И додека досега главно производствениот сектор се грижеше за растот на азиското стопанство, во иднина овој простор сака засилено да се заврти кон услужниот сектор. Сега секторрот на услужни дејности во Кина учествува со 40 проценти во вкупниот стопански учинок на земјата . Во земјите од запад со 75 проценти, тој дел е речиси двојно поголем.

Причините за бавното одлепување на секторот на услужни дејности од производниот сектор лежат и во прогнозите. „Ќе дојде до промени кои не можеме ни да ги замислиме. Азија мора да се збогува со претставата дека е производствен погон на Западот. Бидејќи во битката против се’ побрзиот развој и примената на роботиката и на 3Д- печатарите беспомошни се азиските работници“, заклучува Ендрју Шенг, претседател на Глобал институтот од Хонг Конг.