1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога двајца се караат, третиот користи

4 јануари 2012

Изненадување во Франкфурт-главен економист на Европската централна банка нема да биде Јерг Асмусен, туку Белгијанецот Петер Прает. Со тоа првпат оваа важна функција не ја извршува Германец.

https://p.dw.com/p/13dnF
Петер ПраетФотографија: picture-alliance/dpa

Белгијанецот Петер Прает победи во трката за функцијата главен економист на Европската централна банка. Како што соопшти ЕЦБ од седиштето во Франкфурт на Мајна, бордот на директори на банката одлучил да го именува Прает за раководител на одделението за економија, функција за која конкурираа и германскиот кандидат Јерг Асмусен и Французинот Беноа Кеуре, кои важеа за фаворити.

Од формирањето на ЕЦБ во 1998-ма година постојано нејзин главен економист беше Германец. Сега традицијата прекинува, доаѓа еден Белгијанец. 62-годишниот Прает во банкарските кругови има високо реноме. Тој е докажан стручњак во областа на финансискиот надзор и финансиската стабилност. Во финансискополитички поглед неговата заложба е повеќе кон развојно ориентиран правец, а не толку кон силно сузбивање на инфлацијата. Прает освен тоа, поради своето потекло, е идеален компромисен кандидат меѓу Германија и Франција- тој е роден и израснат во Германија, но се школувал и направил кариера во Белгија.

Joerg Asmussen
Јерг АсмусенФотографија: dapd

Со назначувањето на Прает, шефот на ЕЦБ, Марио Драги, веројатно сакаше да задуши германско-француски траен спор уште во зачеток, зашто монетарно-политичките позиции на двајцата кандидати, Јерг Асмусен и Беноа Кеуре, се километри оддалечени една од друга. Од аспект на Бундесбанката, финансиската политика на Куере има клучна мана-тој не важи за поборник на стабилизирачка ориентација со германски печат, туку за прагматичар кој не би се устручувал ниту од неконвенционални мерки.

Така, тој се залага за проширување на стратегијата за купување обврзници од кризно загрозените држави од страна на ЕЦБ, која е особено спорна во Германија.

Германскиот кандидат Јерг Асмусен во ЕЦБ ќе биде одговорен за европските и меѓународните односи и ќе го води правното одделение.

Автор: Хенрик Беме/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска