1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога земјата и‘ отстапува простор на водата

Биргит Аугустин / Зоран Јордановски9 мај 2013

Нимвеген со години се бори против висок водостој и се реши за револуционерна идеја во холандски услови: на водата да и’ отстапи земја. Ќе се гради вештачки остров!

https://p.dw.com/p/17Uz9
Фотографија: cc-by-sa/Debot

Еден град ја зема во прегратка својата река. Наскоро еден крак од Рајна ќе тече низ Нимвеген - планирано и посакувано. Речиси половина од куќите кои се наоѓаат тука мора да и’ го препуштат теренот на водата. Насипите ќе бидат преместени и ќе биде создаден остров.

Најголемиот дел од жителите веќе се отселија. Наскоро веќе ќе нема место ни за Франк Плојм и неговата сопруга Моник.

„Овде сме сами“, вели Моник, а Франк раскажува:

„Ние сме последните што си одат одовде. По пет години на ова место ќе тече вода. Таа ќе доаѓа од другата страна на насипот, ќе проаѓа под него и понатаму пак ќе се влева во матицата на реката.“

Тие 20 години овде имаа семејно претпријатие со деветмина вработени. Во прво време се спротивставуваа на плановите на властите.

„Она што го имаш, ти е сигурно. Новото што ќе дојде е секогаш несигурно. Поради тоа се држиш за старото“, вели Франк.

Нимвеген не сакаше да опстојува врз старото. Градот со години се бори против висок водостој и се реши за револуционерна идеја во холандски услови: на водата да и’ отстапи земја. Придобивката од програмата „Простор за реката“ не е само решението за проблемот со поплавите. Јан ван дер Мер, од Градската управа на Нимвеген, оценува:

„Тоа е фантастично. Добиваме сопствен ’ил д ла сите’, остров како во Париз, и тоа ќе го направиме самите ние. Луѓето можат да си замислат што се’ ќе биде можно на островот. Изградба на станови е веќе договорена, но тука ќе можат да дојдат и сосем други прекрасни работи.“

Пристаниште за јахти, концертна сцена, хотели, ресторани - проектот со островот веднаш буди фантазии кај општинските политичари од Нимвеген.

01.2013 DW Europa aktuell Kleine Welten Nimwegen

Тие визии не им значат ништо на оние кои ќе останат без куќа. И Ханс Еверс со сопругата Герит мора да се сели. Стаклениците во кои до неодамна одгледуваа цвеќиња веќе се срамнети со земја, а наскоро багери ќе ја урнат и куќата. Со тоа уште не се помирија. Но, што ќе биде понатаму? Герит Еверс вели:

„Тоа, што точно треба да уследи, секогаш го оставаа малку нејасно. Тоа се однесува и на целиот проект - жителите секогаш во последен момент дознаваа што точно ќе се случува.“

„Ако политичарите веднаш ги изложат сите планови, ќе се соочат со поголем отпор, отколку да откриваат дел по дел“, проценува Ханс Еверес.

Во куќата на семејството Плојм, до работилницата, секојдневно станува се’ понеудобно. Во дневната соба се трупаат кутии. Што да се понесе со себе, што да се фрли? Семејството си гради нов дом подалеку, на идниот остров не гледа иднина за себе.

„Добивме обесштетување, привремено ќе живееме на некое друго место. По четири-пет години, кога ќе настане островот, тогаш би морале повторно да си ја откупиме земјата, а тие уште не знаат што точно ќе има таму и веројатно ќе биде прескапо“, нагласува Моник.

Така се чувствуваат многумина. На идниот остров варојатно не ќе можат да се сретнат луѓе што порано живееја овде. Но, Франк Плојм со парите од обесштетувањето може во друг дел на градот да си изгради не само нова куќа, туку и работилница, поголема и поубава од порано:

„Лутината одамна помина, се отвораат нови шанси“.

Ханс и Герит Еверс ќе му останат верни на овој крај и ќе станат жители на островот. Во догледно време ќе се преселат во новата куќа, директно на брегот, на извонредна позиција - и без страв од реката.

„Сметаме на тоа дека со овој бајпас веќе ќе немаме поплави - тоа е целта. Мислам дека не морам да се плашам“, вели Герит, а Ханс на шега додава:

„А знаеме и да пливаме.“

Нимвеген реагира на промената на климата - и’ дава повеќе простор на реката и добива остров.