1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога (не)смеат да работат азилантите?

Дијана Песлер / Елизабета М. Фиданоска29 мај 2013

Барателите на азил во Германија и странците со таканаречен толериран престој (дулдунг) немаат дозвола да работат се‘ и неограничено.

https://p.dw.com/p/18fJb
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Од 1 јули 2013 во Германија отпаѓа правилото кое досега им го отежнуваше наоѓањето работа на бегалците во Германија. Кога за одредено рабoтно место ќе конкурира барател на азил кој во Германија престојува полни четири години, веќе нема да биде претходно проверувано дали за тоа работно место се претпочита вработување на друг кандидат од земјата или од ЕУ. Во моментов ваквото правило е се‘ уште во сила.

Барателите на азил во Германија треба да поседуваат работна дозвола за да можат да работат. Тоа важи и за странците со толериран престој (таканаречен дулдунг), значи луѓето чие барање за азил било одбиено, но кои се‘ уште се во земјата, односно не се протерани. Барателите на азил и странците со дулдунг во првата година од престојот во Германија не смеат да работат. Потоа може да работат, но по правило само ако нема други „кандидати со предност при вработување“ кои конкурирале за истото работно место. Тоа го утврдуваат надлежните институции за прашања на странци и Сојузната агенција за труд во таканаречена „предпроверка“. Предност, на пример, им се дава на Германците и на граѓаните на земјите членки на ЕУ. Ваква предпроверка секогаш се прави за барателите на азил, а за странците со толериран престој отпаѓа доколку лицата престојуваат во Германија подолго од четири години.

Symbolbild mindestlohn Gebäudereiniger
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сепак, лицата со толериран престој досега и по истекот на четирите години мораа да добијат согласност од Сојузната агенција за труд доколку сакаа да се вработат. Ваквата согласност од први јули годинава веќе нема да биде неопходна.

Освен тоа, германската влада планира уште една промена - барателите на азил треба да станат еднакви со странците со толериран престој и и ним по престој од четири години во Германија веќе нема да им се прави предпроверка.

Едно друго правило се‘ уште не е „застанато на нозе“. Земјите на ЕУ минатата година во основа се согласија барателите на азил да смеат да работат веќе по девет месеци минати во дадена земја. Германската влада инсистираше на забарана за работа во траење од една година, а Брисел фаворизираше кратење на забраната на шест месеци. Компромисот е деветмесечна забрана за работа, но експертите во Германија сметаат дека владата пред изборите наесен нема да обелодени предлог за спроведување на ваквиот компромис.

Новото правило треба да стане составен дел од Уредбата за вработување на сојузното Министерство за труд. Владата ја разгледа првичната верзија на оваа уредба во февруари годинава, но по барање на покраините извршени се извесни дополнувања. Дополнетата верзија на Уредбата треба да биде разгледана од страна на Владата денеска (29.05).