1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ноќта ќе го прекрие олимпискиот град

Б. Георгиевски/зц/велт6 февруари 2014

Весникот „Зидојче цајтунг“ во рубриката „Патувања“ објави подолга репортажа на новинарот Флоријан Хасел, кој точно 30 години по Зимските олимписки игри во Сараево ги обиколи некогашните борилишта и хотели

https://p.dw.com/p/1B3nK
Фотографија: DW/S. Huseinovic

„Во хотелите не се само цените замрзнати“, пишува Хасел, „и мебелот потсетува на 1984 година“. И покрај модерните и луксузно опремени хотелски објекти, тој забележува дека мнозинството не се реновирани, бидејќи за тоа нема пари. „До Сараево, од Јахорина има 30 километри. И покрај тоа, меѓу тие две локации, за разлика од 1984 година, лежи цел свет. Во 1992 година, сликите од војната почнаа да фрлаат сенка врз сеќавањето за Олимписките игри. Од крајот на војната во 1995. година, БиХ е поделена на Република Српска и муслиманско-хрватска федерација, па согласно тоа, поделени се и спортските борилишта. Скијачките терени на Јахорина се наоѓаат во Република Српска. Планината Бјелашница, која во 1984. беше центар на алпските дисциплини, скијачката скокалница на Игман, како ледената сала во Сараево, се наоѓаат во Федерацијата, но тие објекти, за разлика од оние на Јахорина, се уништени од бомбите на босанските Срби.

„18 години по војната, заедничката држава постои само на хартија. Србите во Република Српска и Бошњаците и Хрватите во Федерацијата живеат одвоено. Од Сараево на Јахорина, во најдобар случај за време на викенд, доаѓа по некој дипломат или бизнисмен. Дури и во екот на зимската сезона, автобусот од Сараево сообраќа на таа релација само два пати дневно. Не постои директна врска меѓу Јахорина и сестринската Бјелашница, нема ни заедничка ски-карта... Со години разговараме за тоа, но досега ништо- сѐ поради политиката, како и многу други нешта кај нас, вели Муамер Шехиќ од Олимпискиот комитет на игрите во 1984 година“.

„Кога армијата на босанските Срби во 1992. година ја започна најдолгата опсада на еден град во 20. век, не загинаа само 11 илјади жители на тој град- Србите сторија сѐ за да ги уништат и сеќавањата на заедничкото минато- чиј врв за многумина беа токму Игрите во 1984 година. На почетокот на војната, освен националната библиотека, урната беше и ледената сала Зетра, во која, тогаш 18. годишната Катарина Вит го освои својот прв златен медал. Покрај обновената сала денес се наоѓаат гробишта: стотици надгробни плочи го одбележуваат последното почивалиште на убиените во овој град“, пишува авторот, кој на крајот потсетува дека во 2017. година во Сараево ќе биде одржан Европски олимписки фестивал на младите, кој би требало заеднички да го организираат Србите, Бошњаците и Хрватите, што дава надеж за помирување, пишува „Зидојче Цајтунг“.

Olympia 1984: Katarina Witt läuft zu Gold
Катарина Вит на ЗОИ во 1984.Фотографија: picture-alliance/ dpa

Македонија ќе кастрира

Весникот „Велт“ денеска донесува поширока информација за законот донесен во парламентот во Македонија со кој се предвидува хемиска кастрација за педофилите. Велт го цитира првиот човек на детската амбасада Меѓаши, Драги Змијанац кој вели дека кастрацијата ќе ги спречи осудените педофили да го повторат делото. Според проценките на Меѓаши, околу 1.000 деца во Македонија секоја година се жртви на сексуална злоупотреба, но само една четвртина од случаите се пријавуваат. Според полициските статистики, бројот на вакви злосторства последните години се намалува. Во 2010. година биле пријавени 90 вакви случаи, во 2012.- 53, додека во првите девет месеци од минатата година вкупно 43. Во 2013. година биле осудени 23 лица за случаи на сексуална злоупотреба на малолетници, наведува „Велт“.