1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога пилотите ќе заспијат во кокпитот...

Марко Милер/ Жана Ацеска9 јули 2012

Кога пилотите ќе заспијат на работно место, патниците се во опасност. Колку често тоа се случува? Почесто отколку што можеме да замислиме.

https://p.dw.com/p/15U12
Фотографија: Fotolia/Marcito

„Кога пилотот ќе отиде во тоалетот во авионот“... Она што звучи како смешен виц, е сериозна работа која се случува, вели Филип фон Шепентау, генерален секретар на Европската асоцијација на линиските пилоти, ЕЦА. Тој во разговор за Дојче веле истакнува дека еднаш еден од двајца скандинавски пилоти отишол во тоалет. Кога се вратил веќе не можел да влезе во кокпитот зашто неговиот колега заспал. Ако се мисли дека ова е исклучок, Филип фон Шепентау го тврди спротивното:

„Во анкетите спроведени во скандиканвските земји се покажа дека меѓу 50 и 55 проценти од пилотите во кокпитот заспиваат без претходно предупредување до колегите“.

Piloten
Пилотите поради премореност погрешно реагираат во кризни ситуацииФотографија: AP

Преуморен за приземјување

Јавноста обично не ги дознава ваквите случаи. Сепак, неколку излегоа на виделина, еден дури и во Германија. Пилотите на компанијата „Ер Берлин“ за време на летот од Мајорка за Минхен на 5. мај испратиле Пан-пан сигнал, кој е некој вид тревога, итен повик од кокпитот ако постои акутна опасност за патниците во авионот. Ако постоела акутна непосредна опасност, пилотите би испратиле т.н. „Мејдеј“ сигнал. Повод за испратениот аларм била премореноста на пилотите за слетување, па на ваков начин замолиле работата да ја преземе автоматскиот пилот. Авиокомпаниите на прашањата од ваков вид обично реагираат многу воздржано. „Ер Берлин“ не се согласи на интервју со новинарот на Дојче веле на оваа тема, но писмено одговори:

„“Ер Берлин’ интензивно соработува со надлежните институции на кои во споменатиот случај им ја проследи соодветната документација“.

Во соопштението натаму се наведува: „Максималното дозволено работно време за пилотите на ’Ер Берлин’ е прилагодено на тарифните договори. Со тоа законските одредби се повеќе од исполнети“.

И навистина, врз основа на истражувањето на Радиотелевизијата НДР, пилотите на работа биле само десет часа, многу помалку отколку што тоа го дозволува законот.

Економската криза влијае и врз работата на авиокомпаниите

Европската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај ЕАСА ги одредува рамките на работното време и паузите на пилотите.

„Така на пример, на европско ниво е пропишано дека пилотите не смеат да летаат подолго од 13 часа“, објаснува Филип фон Шепентау.

„Бројот часови меѓутоа може да се зголеми на 14 или на 15“.

Овие одредби ЕАСА моментно ги ревидира, а ќе бидат завршени по крајот на летото. Шепентау меѓутоа стравува дека условите за пилотите нема да бидат подобрени. Причина е економската криза која ги принудува авиокомпаниите на поефикасна работа.

Без оглед како ќе изгледа новиот правилник, секоја земја и авиокомпанија имаат можност за самостојно одредување односно подобрување на своите прописи. Така секоја компанија може да воведе на пример контролни механизми за да го реши проблемот на премореност на пилотите.

„Се сеќавам на летот од Кина до Германија во кој десетина минути заспавме, и тоа заедно“, оваа реченица неодамна во интервју за ТВ НДР ја изговори искусниот капетан на авион Томас Билд, кој има работено за различни авиокомпании. Најголемата германска авионска компанија „Луфтханза“ се обидува проблемот да го реши со воведување т.н. „напинг правила“, објаснува Михаел Ламберти, портпарол на „Луфтханза“.

Piloten Demo Übermüdung
Демонстрации на пилотите поради правилата за премореност, Келн, мај 2012, архиваФотографија: dapd

„To nap" е англиски збор и значи отприлика - кратко дремнување. Таа практично предвидува пилотот кој е преморен да му каже на својот колега за да може да отспие десет до дваесет минути. За тоа време другиот пилот засилено внимава.

Недоволниот сон не е единствен проблем

Проблемот не е само во тоа што пилотите заспиваат за време на летот, туку што се генерално уморни, објаснува Филип фон Шепентау од ЕАСА.

„Зашто, преморените пилоти во критичните ситуации не реагираат на потребен начин. Редовно се случува при техничките проблеми или за време на временски непогоди пилотите кои не се целосно во добра состојба, да не ги преземат вистинските постапки“.

Јавноста малку дознава за вакви работи, вели Шепентау. Но, и самите авиокомпании не дознаваат доволно за премореноста на пилотите зашто тие ретко им праќаат такви извештаи на своите фирми ако дојде до инцидент. Тие, имено, често се плашат дека таквите извештаи би можеле негативно да влијаат врз нивната кариера.