1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога полицајците стануваат жртви...

Хајнер Кизел/Симе Недевски18 октомври 2012

Државата има монопол на јавна примена на сила. Но, кога ќе се погледнат последните извештаи за инцидентите на демонстрантите, изгледа како секој да може да излезе на улица и да смета дека смее да „удри по полицајците“.

https://p.dw.com/p/16S6L
Фотографија: dapd

Полицискиот комесар Свен Каден изгледа како да не му е потребна целата опрема која ја има на себе. А тука се заштитниот елек, пендрекот, пиштолот. Светло сината кошула со кратки ракави ги открива јаките бицепси на 34 годишниот добро истрениран полицаец на должност на берлинската железничка станица: „Од еден момент научувате да ги делите луѓето на опасни и безопасни, т.е. да научите да препознаете каде може да се развие ситуација која ќе биде полициски релевантна, а каде до тоа нема да дојде“. Каден со задоволство ја работи својата работа. Но, не може да се занемари впечатокот дека грижењето за јавната безбедност е се’ поопасно: „Ми изгледа како да има се’ повеќе такви моменти. Тешко е да се поткрепи статистички. Но, последните години подготвеноста за насилство генерално се зголеми. Доживуваме најразлични видови напади, од касања, до бодења со ножеви или инекции, се’ е можно.“

Примери има насекаде“

Polizistenfeindliches Graffiti in Berlin Kreuzberg
Фотографија: DW/H.Kiesel

„Ситуацијата е се’ полоша“, тоа го кажуваат и полицајците, и претставниците на нивните синдикати и министерот за внатрешни работи. И навистина, примери за тоа има секаде. Една од најновите студии за таа тема ја направи Криминалистичкиот истражувачки институт Долна Саксонија. Со студијата раководеше Кристијан Фајфер: „Резултатот е дека 12,9% полицајци во периодот од 2005. до 2009. година доживеале барем еден напад поради кој биле онеспособени за работа два дена“, кажува Фајфер и додава: „4% од нив поради напад биле неспособни за работа помеѓу 7 дена и 2 месеца, 0,9% морале да отсуствуваат повеќе месеци бидејќи биле претепани така што морале да останат во болница“.

Порано беше полошо

Фајфер нагласува дека повеќето од тие повреди не ги здобиваат специјалците, туку полицајците во нормалните патроли. Дали нивната работа денес е поопасна од порано? Фајфер смета дека не е: „Тука сме скептични. Врз основа на моменталната состојба не може веднаш да се почне со генерална приказна за тоа како денес се’ е полошо од порано“. Официјалните стастистики му даваат за право. Германија станала помирна и посигурна, па и за полицајките и полицајците. Покрај тоа, во јавната дискусија често се тврди оти ситуацијата никогаш не била полоша. Политичарите често ја користат таа ситуација за да се претстават како големи заштитници на полицајците. Неодамна е зголемена казната за давање отпор на органите на јавниот ред.

Fußballrandale St. Pauli und Hansa Rostock
Фотографија: picture-alliance/dpa

И тие се луѓе“

Професорот на Високото полициско училиште во Хамбург, Рафаел Бер смета дека целата дискусија е малку претерана: „Во интерната полициска дебата имаме тешкотии со дефинирање на поимот насилство, бидејќи полицајците често за насилство го сметаат и она за кое не е потребна употреба на физичка сила. За полицајците насилството често започнува веќе и со навредување или навредливи гестови, или демонтративно вртење на грбот. Тоа се доживува како насилство бидејќи преставува непочитување на полицијата“. Рафаел Бер потсетува дека такви дискусии водат кон создавање на искривена слика за полицијата.
Кога полицајците прават грешка, секогаш се потсетува на тоа дека „и тие се луѓе“ како и сите ние. А тоа тие не се. Тие се професионалци кои во стресни ситуации треба да покажат надмоќ.