1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога сметот станува злато

Гинтер Биркстокен/ Александра Трајковска 27 април 2012

Сметот може да биде профитабилен, вели Комисијата на ЕУ. Ова го докажуваат Германија и пет други ЕУ држави. Тие може да служат за пример во напорите за поефикасно користење на ресурсите. Екологистите меѓутоа противречат.

https://p.dw.com/p/14jk0
Фотографија: th-photo-Fotolia.com

Комисијата на ЕУ има многу пофални зборови за Германија. Земјата имено, според мислењето на Комисијата, е една од шесте најефикасни земји членки на ЕУ во справувањето со отпадот. Ова произлегува од извештај на Комисијата на ЕУ објавен на 16. април. Сметот може да стане злато, смета Комисијата. ЕУ комесарот за животна средина Јанез Поточник го истакнува економското значење на повеќекратното користење на сметот. „Шест земји членки денес комбинираат нулта-депонирање на сметот со висок степен на рециклирање. На овој начин не само што ја користат вредноста на сметот, туку создадоа динамични индустрии и голем број работни места“.

Според податоците на европската статистичка служба Евростат во Германија во 2010. година повторно бил искористен речиси половина од комуналниот смет. Во европскиот просек се користат 25 проценти. И додека ширум Европа се’ уште 38 проценти од целиот отпад завршува во депонии, во Германија оваа вредност е нула.

Manieren in der deutschen Arbeitswelt Flash-Galerie Mülltrennung
Уредно селектирање на сметотФотографија: Fotolia/TrudiDesign

Според Комисијата на ЕУ во Германија годишно по човек се создаваат 583 килограми комунален отпад. Со тоа Германија е над европскиот просек, кој изнесува 502 килограми, но сепак помалку од земјата со најголем комунален отпад. На Кипар годишно по човек се создаваат 760 килограми комунален отпад.

Големи разлики во комуналната хигиена

Сметот во Германија целосно се обработува: 45 проценти се рециклира, 38 проценти се гори, а 17 проценти се компостира. Според Европската комисија постојат големи разлики меѓу поединечните ЕУ земји. Така на пример отпадот во Бугарија 100 процентно завршува во депонии. Во Романија и во Литванија ситуацијата е само малку подобра. Во европски рамки Австрија води по однос на компостирање на отпадот: 40 проценти од целиот отпад таму се претвора во земја или ѓубриво.

Трговија со сметот

Дека со отпадот може да се заработат многу пари, покажуваат податоците од индустријата за преработка на отпадот во ЕУ. Според Евростат околку два милиони луѓе во Европа работат на преработка на отпадот. Во 2008 година бил постигнат обрт од 145 милијарди евра. Но можат да бидат уште повеќе пари, уверена е Комисијата на ЕУ. При целосна примена на европската политика за третман на отпадот во Унијата би се отвориле уште 400.000 работни места, а годишниот обрт на средства би можел да порасне за 42 милијарди евра.

Заштитниците на животната средина критикуваат

Многумина заштитници на животната средина меѓутоа не го споделуваат мислењето на Комисијата на ЕУ во однос на третманот на отпадот во Германија. Клаудија Баитингер од Сојузот за животна средина и заштита на природата во Германија смета дека бројките на Комисијата на ЕУ делумно одат во заблуда. Фактот дека во Германија се гори толку многу смет, не е ништо позитивно. Во разговор за ДВ таа подвлекува: „Хиерархијата при третманот на отпадот е поставена наопаку. Сите закони и апели се во следниот редослед: одбегнување, повторна употреба, рециклирање и на крајот отстранување. Но, во пракса е поинаку“. Горењето на отпадот, според Баитингер има делумна „термичка корист“, оти пакувањата и другиот отпад што може да се гори мора прво да се произведуваат со користење на енергија: „Овде се уништуваат ресурси“.

Müllverbrennungsanlage der Stadt Köln
Фабрика за горење на отпадот во КелнФотографија: AP

Депониите и натаму се полнат

Тврдењето дека Германија повеќе не го отстранува сметот во депонии, според Баитингер ги замачкува фактите. Имено од два тона кои се користат како горивен материјал, останува еден тон високопотенциран отпад, за што е потребно специјално отстранување.

Deutschland Frankreich Mode Recycling-Designerin Katell Gelebart in Hamburg
Мода од отпадФотографија: picture-alliance/dpa

Освен ова официјалните статистики покажуваат дека продолжува трендот за поголемо користење на шишињата за една употреба, додека се намалува за поеколошките пакувања. Тоа не соодветствува со пофалните зборови. Рангирањето на земјите од страна на Комисијата на ЕУ во основа е коректно, но сепак неправедно. Земјите како Бугарија и Романија едноставно се сиромашни за да инвестираат повеќе пари во заштитата на животната средина.