1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога странците се плашат да отидат на лекар...

Алоис Бергер/ Жана Ацеска3 мај 2013

Стотици илјади луѓе во Германија живеат без здравствено осигурување. Затоа често не се примани на лекување, што понекогаш има сериозни последици. Германската лекарска комора бара похуман однос на службите.

https://p.dw.com/p/18R93
Фотографија: picture-alliance/dpa

На почетокот Мариана Сантос се обидуваше да ја игнорира болката, на крајот германскиот здравствен систем речиси ќе ја чинеше живот. Зашто лекарот од службата за итна помош, кого младата Бразилка во Карлсруе го повика телефонски, откажа да и‘ помогне.

„Бидејќи не бев здравствено осигурана, требаше да платам 400 евра во готовина, а јас немав толку кај себе“.

Таа потоа со такси заминала во болница, но таму ја чекале уште поголеми проблеми: „Тие ми побараа 400 евра за прегледи, 300 евра за третманот и уште 400 евра за лекови, се‘ однапред“.

Иако младата жена се превиткувала од болки и речиси веќе не можела да стои на нозе, не добила лекарска помош. Морала да ја напушти болницата на раб на животот.

Во прашање се трошоци

Ова е можеби екстремен, но не и осамен случај. Лекарите во Германија се обврзани да пружат лекарска помош во итни случаи и на оние без здравствено осигурување, па потоа трошоците ги презема социјалната служба. Но, проценките - што е итен случај, често се разијдуваат. Многу лекари и болници настапуваат со задршки посебно ако се работи за странец без картичка за осигурување, стравувајќи дека ќе извисат со трошоците.

На тоа се надоврзува и несигурноста - дали пациентот мора да бидат пријавен во Службата за странци. Зашто, германскиот Закон за странци до неодамна ги обврзуваше лекарите да пријават лекарски интервенции на луѓето со илегален престој во Германија. Ова правило е променето во 2009 година, па лекарите во вакви случаи може да се повикаат на обврската за лекарска тајна. Но, законот остава отворен простор до каде може да оди правото на лекарска тајна и дали медицинските работници се ослободени од обврската за пријавување.

Symbolbild Krankenkassen Geld Beitragsschulden
Без здравствена картичка, помага по правило само кешФотографија: Fotolia/PhotographyByMK

Подобро болен отколку протеран

Комисијата за етика при германската Сојузна лекарска комора за тоа бара од владата похумани правила кај лекувањето без здравствено осигурување. „Не смее да се случува луѓето со миграциско потекло воопшто или предоцна да се обратат до лекар од страв од протерување“, изјави Улрих Клевер, ополномоштеник за човекови права на Сојузната лекарска комора на прес-конференција вчера (02.05) во Берлин.

Тања Кронес, која учествуваше во изградувањето на ставот на Комисијата за етика за оваа тема, предлага државата да ги презема трошоците, при што лекарите можат да не го оддадат името на пациентот. Важно е да се „минира“ директна поврзаност меѓу лекарскиот третман и евентуалното протерување. Според проценките на Комисијата за етика, во Германија живеат меѓу 200.000 и 600.000 луѓе без никаква здравствена заштита. Меѓу нив се вбројуваат и луѓето во постапка за протерување, одбиените баратели на азил, апатридите, но и деца чии родители немаат обезбеден престој. Исто така тука спаѓаат и граѓани од ЕУ, првенствено од Бугарија и Романија, кои немаат никакво осигурување и престојуваат илегално, работејќи на црно на градилишта или во приватните домаќинства.

Каритативните организации не можат да ги пополнат сите дупки

Во многу градови во меѓувреме постојат лекари и организации како Мединец или Малтезер Мигрантен Медицин, каде здравствено неосигураните луѓе можат да се лекуваат анонимно и бесплатно. Но, и таму го имаат искуството - луѓето без документи предолго се мислат да дојдат на лекар.

„Често пациентите чекаат додека од кашлица да стане запаление на белите дробови; кога скршената коска зараснува погрешно“, се жали Клаус Валраф од Малтезер Дојчланд.

Оваа организација во минатите 12 години извршила над 70 илјади лекарски интервенции, а се финансира преку донации и подготвеноста на лекарите да им помогнат на луѓето на маргините на општеството. Со тоа ваквите организации ги покриваат дупките во германскиот здравствен систем.

Malteser Migranten Medizin in Berlin
Малтезер Мигрантен Медицин во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Но, ни каритативните организации не можат да ги опфатат сите на кои им е потребна помош. Илегалните бегалци кои работат на земјоделските полиња речиси немаат шанса за правовремена помош.

Во внатрешноста постои и голема одбивност кон илегалците и нивните комплицирани проблеми, смета Улрих Клевер. Многумина лекари не можат да се справат со психичкото и економското оптоварување.

Смрт која можеше да биде избегната

Случаите како Мариана Санстос, која и покрај акутните болки била одбиена од болницата во Карлсруе, сепак се исклучок, смета Лекарската комора. Младата Бразилка два дена подоцна отпатува во татковината, каде и‘ било дијагностицирано долготрајно запаление на бешиката, кое во меѓувреме ги зафатило и бубрезите.

„Беше минута до дванаесет, еден ден подоцна ќе беше веќе крај“, раскажува Мариана, која во меѓувреме живее како новинар во Бон.

Но, немаат сите ваква среќа. Улрих Клевер, кој води ординација како гинеколог во Фрајбург, раскажува за една жена од Македонија, чиј рак на грлото на матката бил во фаза кога можел да се лечи. Но, никој не сакал да изврши интервенција кај илегалката. Тоа што како лекар не можел да ја спречи смртта на жената, до која не морало да дојде, е причината поради која Клевер толку енергично се залага за похуман приод на германските служби кон болните без здравствено осигурување.