1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога убивањето прераснува во задоволство

8 мај 2011

Авторите на книгата „Војници-протоколи од борбите, убивањето и умирањето“ го истражаат менталитетот на војниците и нивното сфаќање на војната. Пишувањата се базираат на записници од прислушување на војници на Вермахтот.

https://p.dw.com/p/113Av
„Војници-протоколи од борбите, убивањето и умирањето“
„Војници-протоколи од борбите, убивањето и умирањето“

Историчарот Сенке Најцел во 2001 година во британскиот Национален архив наиде на речиси недопрен врзок документи и не можеше да поверува што држи в раце: Записници од прислушувањето на германски војници на Вермахтот во воено заробеништво. Белешки од интимни разговори меѓу војниците, кои не знаеле дека некој трет ги слуша, и од збор до збор запишува. Британците, а подоцна и Американците се надевале дека на тој начин ќе дојдат до тајни воени информации. За складишта со оружје или тајно оружје не добија многу информации, но затоа многу детали за секојдневието на војната, за мртвите и убиствата. Сенке Најцел пронајде вкупно 150.000 записници од прислушувања, по што заедно со социо-психологот Харалд Велцер го анализираше материјалот.„Многу внимававме на тоа, да не примениме постака на нормативна анализа, туку сакавме да сфатиме, како размислувале, како дошло до тоа, па и во корелација од денешен аспект“, вели Најцел.

Сенке Најцел
Сенке НајцелФотографија: Petra A. Killick

И покрај научниот пристап разговорите што можеа да ги прочитаат им влегоа под кожа на научниците и нивните соработници. Имено војниците меѓусебно си раскажуваат какво задоволство им претставувале убивањето, или колку жени силувале. Вообичаени машки разговори за нивната работа, меѓутоа нивната работа беше војна.

Материјал кој нуди одговори и за модерните војни

Кога историчарот Најцел го информирал неговиот колега, социо-психологот Велцер за протоколите, веднаш му било јасно за каков редок материјал станува збор, оти за психата на војниците досега се знаеше од нивните писма или мемоари: „Материјалот кој се добива од тоа е многу ограничен. Кога некој и‘ пишува на мајка му, сигурно не зборува дека силувал жени, принудни работнички. Преку овој материјал можеме да им се приближиме до с’ржта и тоа е сензацијата. Вакви материјали немаме ниту од модерните војни, на пример од Авганистан, оти ако воопшто постојат такви дијалози, тие не се објавуваат, до нив не може да се стигне“,смета Велцер.

Харалд Велцер
Харалд ВелцерФотографија: Thomas Langreder

Во книгата станува збор генерално за прашањето: Каков е менталитетот на војниците, каков е нивниот поглед на војната? Интересно е притоа што потеклото, чинот и староста не се позначајно релевантни за содржината на разговорите. Двајцата научници освен ова се убедени дека од разговорите меѓу војниците на Вермахтот може да се изведат заклучоци за сите други војни. Застрашувачки увид, кој јасно покажува: логиката на војната ги прави војниците брутални. Така на пример во еден од протоколите може да се прочита: „Првиот ден ми беше ужасен. Си реков: проклетство што да се прави, наредба е наредба. На вториот и третиот ден си реков: сеедно, четвртиот ден ми причинуваше задоволство.“

Без сомнение, меѓу војниците имало и националсоцијалисти, кои убивале Евреи од убедување, но тие биле малкумина. Научниците Најцел и Велцер дури и ја заоструваат тезата: националсоцијалистичкото насилство не било понасилно од секое друго насилство. Идеологијата, на пример националсоцијализмот, оставала многу помал печат врз злоделата, отколку еден војнички систем на вредности, кој мажите ги претвора во убијци: „Не треба да се возбудуваме за она што се случува во војна, оти се случува во војна. Во секоја модерна војна се случуваат работи, за кои зборуваат овие војници на Вермахтот. Возбудувањето е непотребно, и во основа суетно. Ако се сака нешто да се смени, тогаш мора да се укине војната, мора да се укине убивањето и мора да се најдат меѓудржавни решенија за конфликтите, кои досега ги немало“, подвлекува Харалд Велцер.

Автор: Надин Војчик/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска