1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ќе има евтини летови од Македонија?

4 јануари 2010

Македонските граѓани се единствените во регионот кои немаат можност да летаат за 19 евра. Зошто аеродромите не се привлечни за нискобуџетните авиокомпании?

https://p.dw.com/p/LJV8
Фотографија: Petr Stojanovski

Укинувањето на визите за патување на македонските граѓани во ЕУ не беше доволна провокација за нискобуџетните авикомпании кои се` уште ги нема на македонското небо. Наспроти очекувањата, компаниите како Рајанер, Визер и други, кои рекламираат авионски билети за 19 евра без пресметани аеродромски такси, засега не нудат услуги од аеродромите во Скопје и Охрид кон европски дестинации. Напротив, уште на крајот на ноември, единствената ваква компанија која редовно леташе од Скопје, германската Германвингс, прекина да оперира без јасно да ги наведе причини.

Мал број на патници

Македонските власти се свесни за проблемот но очигледно засега немоќни да направат повеќе. Преставници на Владата во Скопје и воздухопловните власти, уште во септември контактирале со десетина нискобуџетни авиокомпании на кои им ги претставиле предностите на македонските аеродроми. Првиот човек на АЦВ ( Агенција за цивилно воздухопловство) Зоран Крстевски смета дека основен проблем е што Македонија е мал пазар со годишен промет на патници меѓу 500.000 и еден милион. Тој се надева дека укинувањето на визите ќе даде резултат по празниците„ Периодот на божикните празници е карактеристичен по тоа што се зголемува сообраќајот а не се намалуваат цените. Ако дојде до промени, тоа може да се очекува по јануари“, вели Крстевски.

Mazedonien Land und Leute Alexander der Große Flughafen in Skopje
Аеродромот Александар Велики во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Сите надежи се насочени кон ТАВ

Една од клучните причини за неатрактивноста на аеродромите е инфраструктурата и релативно лошите услуги за патниците и авиокомпаниите. Аеродромот Александар Велики, е на самото дно по атрактивност во регионот иако нуди најевтини услуги за авиокомпаниите. Владата го гледа спасот во турската компанија ТАВ, која по две одложувања на први март конечно треба да почне со процесот на модернизација на аеродромите. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски очекува дека тоа ќе ги привлече авиокомпаниите со кои се преговарало. Со сличен став е и Зоран Крстевски.

Mazedonien Land und Leute Alexander der Große Flughafen in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Една шанса веќе се пропушти

Инаку според договорот, ТАВ треба да инвестира 200 милиони евра за модернизација на аеродромите во Скопје и Охрид и да изгради нов карго аеродром во Штип, во замена за концесија од 30 години. За дел од експертите ваквата опција е неповолна и е резултат на континуираната лоша политика на овој план. Во 2000 година пропадна проектот за реконструкција на скопскиот аеродром кој требаше да го реализира германско-австриски конзорциум. За 78 милиони американски долари скопскиот аеродром требаше да се модернизира, а концесионерот ќе го добиеше на користење во период од десет години. Вања Битољану, кој во тоа време беше директор на аеродромот, смета дека е пропуштена огромна шанса. Македонија во моментов е единствена земја од регионот во која не оперираат нискобуџетните авиокомпании.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска