1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кодот на Да Винчи“-историја или фикција?

18 мај 2006

Ден Браун во своето дело шири заговорнички теории околу историјата на христијанството.Што е во нив вистина,а што фикција?

https://p.dw.com/p/AeTL

Книгата Кодот на Да Винчи во светот е продадена во милиони примероци,но некои од браншата немаат позитивни оценки за неа,како на пример германскиот издавач Михаел Кригер:

-Навистина одвратна книга полна грешки.Ниту е добра приказната,ниту интересна.

Многу врева околу еден трилер,мисли и Георг Шелген,професор за стара црковна историја од Бон.Тој ја купил и прочитал книгата и заклучил:

-Овој Исус,каков што е таму претставен,нема всушност ништо со историскиот Исус.Тој е реконструиран во сегашноста,отелотворува се што е присутно во денешнината,сексуално е активен,женет е,тој е предок на женската еманципација,кој својата жена сака да ја направи женски папа.Тоа е малку фасцинирачки,но во основа е поедноставување.

Но,професорот не ја отфрлил веднаш книгата,кога веќе ја прочитале милиони луѓе,вреди човек да се зафати со неа:

-Се чини,а тоа ми изгледаше најинтересно,дека е во прашање религиозна ренесанса.Најпрво интересот за религиозните прашања,кои досега се чинеа целосно неинтересни,како на пример Исус.Романот донесува објаснување,една нејасна теорија на заговор,но се надевам ,можеби тоа ќе ги натера луѓето да се обратат за одговор кон вистинските стручњаци.

Веднаш ја користиме можноста:колку е точна тезата на Ден Браун дека римскиот цар Константин за Новиот тестамент на Библијата од мноштвото приказни за Исус избрал четири,кои му одговарале,а другите ги уништил?

-Не постојат воопшто такви индиции.Константин ,колку што ние знаеме,не изгорел никакви ракописи и имал малку теолошки познавања за да може да го направи она што му се припишува.

Следната теза на Ден Браун:Исус не само што бил пријател со Марија Магдалена,туку таа му била жена,а подоцна католичката црква и ставила печат на проститутка:

-Тоа е чиста фантазија.Во новиот тестамент такво нешто не може да се најде.Изворот,на кој се повикува Браун,е Евангелието по Филип,кое потекнува од втората половина од вториот век,а тој не содржи материјал за ваква теза.Тоа е извлечено од ракав.

Конечно,Браун во книгата ја шири тезата дека Марија Магдалена била бремена од Исус и по неговата смрт избегала во денешна Франција:

-Единственото,што ми паѓа на памет е една многу подоцнежна легенда дека Марија Магдалена била во мисионерство во Франција.Воопшто не станува збор дека имала дете од Исус,да не зборуваме за венчавка.Ова веројатно нема никаква историска подлога.

Сепак,книгата и филмот Шелген ги гледа како шанса за христијанските цркви да се рзговара за корените на верата.И со насмевка додава:не доаѓа секој ден противник кој треба да се свати сериозно.