1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се најбараните професии во Македонија

19 ноември 2009

Затишје пред бура или тактизирање со економската криза? Македонскиот пазар на труд во последниов период се наоѓа во статус кво ситуација. Некои гледаат шанса во визната либерализација, некои-закана од одлив на кадри.

https://p.dw.com/p/KayI
Менаџерите се на ценаФотографија: bilderbox

Работната сила не е којунктурен производ. Понудата е во очекување на претстојното укинување на визите, побарувачката чека економско закрепнување. Берзата на труд е мирна, но некои професии односно позиции, како што ги нарекуваат агенциите за вработување, се секогаш актуелни и барани.

“Комерцијалистите се многу барани, добра секретарка или како што сега ги нарекуваат, офис менаџер е секогаш барана и добар финансов менаџер е секогаш атрактивна позиција и тука завршува она што се нарекува топ три“, објаснува Дарко Велков од агенцијата “Вработување“.

Ефтината работна сила-адут или заблуда?

Македонија како адут во потрагата по странски инвеститори редовно ја вбројува ефтината работна сила.

Но, со оваа оценка не се согласува аналитичарот Сем Вакнин. Тој тврди дека македонскиот труд е многу скап.

“Втор по скапотија во Европа е макеоднскиот работник. Тој во просек добива плата од 250 евра, а во противвредност произведува стоки вредни 3 – 4 илјади евра. Споредено со Чешка, каде што работникот произведува вредност од 20 илјади евра, или Србија каде што работникот произведува 10 илјади евра, македонскиот работник произведува многу малку во однос на тоа што го добива“.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: DW

Државата-најголем работодавач!

Според аналитичарот Суат Мисини главен проблем на македонскиот пазар на труд е тоа што најголем работодавач е државата.

“Огромниот број на вработувања во администрацијата преку агенции за вработување, се финансира од буџетот, партиска војска. На крај извештаите на државниот завод за статистика велат дека вработеноста е зголемена за 4 проценти. Во услови на рецесија, пад на размена, ние имаме зголемување на вработеноста, јасно е дека никој не верува во тоа“.

Визната либерализација-закана или шанса

Најавената визна либерализација македонските граѓани ја гледаат како шанса, експертите како закана. Одливот на мозоци може да кулминира. Вакнин предвидува дека во наредните десет години од земјата ќе заминат меѓу 80 и 100 илјади луѓе. Со едната нога надвор се образованите и стручни кадри, оние во кои државата вложувала со години.

“Немам дилема дека мнозиството Македонци се многу среќни поради визната либерализација, не затоа што сакаат да го видат Лувр, туку затоа што укинувањето на визите ќе им овозможи да заминат од земјата и никогаш да не се вратат“.

Помалку песимистички се прогнозите на Велков, чија агенција посредува при вработувањето.

“Високообразованите и интелектуалците и досега немаа проблем да добијат виза и да најдат добро платена работа. Проблемот ќе настане кај мануелните позиции, занаетичии, водоинсталатери, некој што умее да намести плочки. Тие веднаш ќе избегаат“.

Во Македонија има речиси 300 илјади невработени, односно 32 процента од работоспособното население. Просечната плата е 320 евра. Најплатени се вработените во финансискиот и во информатичкиот сектор.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска