1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кокошката е во мода во Франција

Сузана Дерхаге / Зоран Јордановски27 јануари 2013

Пенсе, тивко селце на северот на Франција, стана село на кокошки. Повеќе од една третина од семејствата веќе нарачаа кај локалната самоуправа по две кокошки - и тоа бесплатно.

https://p.dw.com/p/16fI9
Фотографија: DW

Предавањето на кокошките кон крајот на минатата година беше настан за локалните медиуми. Најголем дел од луѓето кои живеат таму немаат никакво искуство со одгледување живина.

Но, во семејството Маншерон се убедени дека ќе се снајдат. Тие реновираа еден стар селски имот и тука кокошките добро ќе се вклопат. Задача на кокошките-несилки е да ги јадат органските отпадоци од кујната и со тоа да го намалат количеството на смет.

„Ние и онака внимаваме да не правиме многу смет и веднаш прифативме кога од комуната ни понудија кокошки“, вели Кристин Маншерон.

Лушпи од јаболка или од компири, студени или топли отпадоци - кокошките јадат се’, а домаќините ќе плаќаат помалку комуналии. Вин-вин ситуација, добивка за сите. Идејата за потекнува од Никол Фуко, заменик-градоначалник, која всушност на шега го спомена давањето кокошки. Но, тоа бргу се прочу.

„Трошоците за органски смет во иднина ќе се пресметуваат според количеството. Поради тоа, сакавме да најдеме начин како да се намали отпадот. Една кокошка јаде околу 150 килограми органски отпад годишно, па ќе можеме вистински да штедиме“, вели Никол Фуко, заменик-градоначалник на Пенсе.

Неконвенционалниот модел на штедење привлекува љубопитници. Политичарите од соседната комуна се малку скептични.

„Тешко е да се каже колку отпадоци вистински можат да изедат кокошките. Ќе видиме по неколку недели или месеци“, вели Марк Жулод, градоначалник на Сабл.

Frankreich Pincé Hühner
Дел од Французите се за одгледување поблагородни раси на кокошкиФотографија: DW

Некои можеби ќе им додадат и зрнеста храна, па на крајот ни семејствата, ниту општината нема многу да заштедат. Но, и покрај тоа, намерниците сметаат дека проектот заслужува да му се даде шанса.

Мишел посакува повторно во цела Франција да се чуваат кокошки, но не обичните црвено-кафени, туку поблагородни раси.

„Оваа е ’ла флеш‘, раса порано посебно позната по доброто месо, а и како несилка е добра. Но, беше потисната од порентабилните видови и веќе ја нема во Франција. За да набавам неколку морав да одам во Германија“, вели писателот Мишел Одиро.

Одиро е љубител на гурманска кујна и смета дека за специјалитетот кокошка во вино е потребна посебна кокошка. Кокошките сега се тренд во Франција. Најновиот прирачник на Мишел Одиро за одгледување кокошки беше распродаден за неколку недели.

„Луѓето повторно сакаат сами да си произведуваат, а не постојано да трчаат во супермаркет. По сите скандали со прехранбени средства, тие се плашат од кокошки хранети со којзнае што, од расипани јајца. Луѓето сакаат повторно да бидат понезависни од индустријата за храна“, вели Одиро.

Семејството Жоржен веќе има 4 кокошки.

„Особено сме горди на јајцата снесени од нашите кокошки. Од друга страна, кокошката е симбол на Франција“, вели Фредерик Жоржен.

Дотолку повеќе Жорженови се грижат за кокошките. Стопанот дури им направи и базенче за капење. Семејството, кое од летоска живее во Пенсе, е среќно со кокошките.

„Кога одиме на одмор, ги прашуваме соседите дали би се грижеле за нашите кокошки. Така настанува заедништво и тоа е добро за едно мало место“, вели Фредерик Жоржен.

Нивната логика се потврди, Жорженови се прифатени во Пенсе. Кокошките едноставно нудат неисцрпен материјал за разговори.