1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колбо: Штетата да се поправи на заедничка маса!

Силвера Падори-Кленке9 јануари 2013

Декемвриските случувања во Парламентот се на штета на Македонија, а за поправање на стореното е потребно премиерот да иницира разговор со опозицијата на заедничка маса, вели за ДВ социјалдемократот Валтер Колбо.

https://p.dw.com/p/17G0m
Фотографија: picture-alliance/dpa

2013-та година ќе биде решавачка година за Македонија. Време во кое ќе треба да се одлучи дали ќе се чекори кон демократските вредности и Европската унија или не. Или, како велат конзервативните Англичани период во кој ќе се одлучи: „Democracy to make - or to break" - „Ќе се гради или крши демократијата“. Дека земјата влегува во решавачки период за ДВ потврдуваат повеќемина политички актери и аналитичари од Берлин.

„Случувањата во Парламентот од крајот на годината во Скопје за мене беа драматични. За интервенцијата на полицијата во Парламентот и отстранувањето на новинарите од трибините некој мора да сноси одговорност. Тоа што се случи е само на штета на Македонија, која сака кон Европа“, коментира за ДВ Валтер Колбо, социјалдемократ, поранешен пратеник во Бундестагот, претседател на Германско-македонското друштво и голем пријател на Македонија.

Вели, не е директен политички актер и го кажува личното видување на ситуацијата. Така според Колбо со писмото потпишано од Бранко Црвенковски кое на 27 декември 2012. стасало до дипломатските мисии, меѓународните финансиски институции и организации во Скопје отворено е кажано дека демократијата во Македонија била суспендирана. Затоа Колбо е конкретен дека токму 2013. е време во кое таа повторно мора да се придобие.

Mazedonien Walter Kolbow
Некој мора да сноси одговорност, смета социјалдемократот Валтер КолбоФотографија: DW

На потег е премиерот?

„Сега премиерот Груевски е тој кој треба да ја повика опозицијата на маса и треба да покаже волја, направената штета да се поправи“, подвлекува Колбо, кој смета  дека од потезите кои сега ќе бидат преземени ќе зависи и пролетниот извештај на Европската комисија, а со тоа и европската и НАТО перспективата на земјата.

Дека судирот меѓу власта и опозицијата во Парламентот е штетна за патот на Македонија кон ЕУ се убедени и повеќемина политички актери со кои разговаравме. Меѓу нив има дел кои велат дека станува збор за „темпераментна нација“ чии реакции не може ни да се споредат со студените Германци кои секогаш се’ имаат под контрола.

„И кај нас има жестоки вербални конфронтации. Но, потемпераментни пресметки имало и во други парламенти, така што македонскиот не е единствен“, коментира  Јирген Климке (ЦДУ/ЦСУ) кој не очекува дека декемврискиот конфликт меѓу партиите на власта и опозицијата ќе има решавачки збор во извештајот на Комисијата за евроинтегрирањето на Македонија. Климке инаку е категоричен  дека местото на Македонија е во Унијата и дека за решение на проблемот со името членките на ЕУ мора да влијаат врз Грција.

Jürgen Klimke, CDU, Mitglied des Bundestags
Македонските парламентарците се темпераментни - Јирген Климке (ЦДУ/ЦСУ)Фотографија: Jürgen Klimke

Нема причини за оптимизам!

Д-р Душан Рељиќ од Фондацијата за наука и политика од Берлин за ДВ образложува дека целиот регион на Југоисточна Европа влегува во петтата година на економска криза која резултира со голем пораст на невработеноста, зголемување на сиромаштијата и на задолженоста. Со тоа „социјално економската основа за водење успешна политика е многу тенка“. И кога општествата минуваат низ продолжена економска криза доаѓа до напрегнатост и општествени судири.

Во Македонија, според д-р Рељиќ, има и дополнителни фактори кои состојбата уште повеќе ја комплицираат. Лани се влошиле односите со трите соседи: Грција, Бугарија и Албанија. Со првите два, проблем е прашањето на идентитетот, а со Албанија поделеноста на државата - на македонска и албанска заедница и се’ поизразените барања на Албанците на просторот на целата Југоисточна Европа за нивно обединување во една држава.

„Она што се случи во Парламентот во Скопје е одраз на една подлабока криза која го опфаќа целиот регион, така што нема место за оптимизам за 2013., и посебно за приклучувањето на земјите од регионот кон ЕУ. Прво заради тоа што самата Европска унија е во финансиска криза и второ - затоа што во една од најважните држави - Германија, есеноска се оддржуваат парламентарните избори што не е добро време за проширувањето“, анализира д-р Рељиќ. 

Без подготвеност за отстапки

Со оглед што преговарачот во спорот околу името Метју Нимиц  деновиве е во Атина и Скопје, а во Берлин грчкиот премиер Самарас вчера (8 јануари) имаше средба со канцеларот Меркел, го прашуваме Рељиќ: може ли Германија да влијае врз Грција во врска со спорот со името?

Dusan Reljic
Песимистички прогнози на аналитичарот д-р Душан РељиќФотографија: DW

„Не! Мислам дека не треба да се очекува дека земјите кои се во економска криза ќе покажат подготвеност за отстапки од својата политика. Напротив, секој притисок во однос на Македонија сметам дека би поттикнал само уште потврд став на Атина во спорот со името. Можно е меѓутоа, доколку владата во Атина има добра комуникација на релацијата Вашингтон – Атина – Скопје, да дојде до некакво поместување нанапред. Но, за жал, во овој момент, не се наѕираат никакви навестувања дека може да дојде до брз исчекор“, забележува д-р Рељиќ, кој ги анализира и потезите на Софија.
„Во Бугарија на есен има исто парламентарни избори. Во десното крило каде е создадена политичката групација АТАКА има раслојување. Со самото тоа десната политичка опција е интересна во смисла дека еден дел од нивните гласачи се подготвени да поддржат и други политички сили. Така, заострувањето на односите со Македонија го гледам и од аспектот на подготовките за парламентарните избори и настојувањата на бугарските политички актери да привлечат гласачи“, подвлекува Душан Рељиќ.

Ќе успее ли Македонија и по повлекувањето на опозицијата од Парламентот во наредниве шест месеци да добие датум за преговори: „Тоа е тешко да се предвиди, но мислам дека дури тоа нема ни суштинско значење, зашто она што е за целиот регион апсолутно најзначајно е да дојде до стопански пораст. Мислам дека политичката енергија и поддршката од странство би требало да се концентрираат на заживувањето на стопанскиот пораст и новите вработувања, зашто без нив постои опасност кризата како спирала да продолжува и да продолжува, па доколку дојде до натамошен пораст на невработеноста да има зголемување на цените на храната што би резултирало со серозни социјални немири предизвикани од незадоволство и отсуство на подобра  животна перспектива“,  анализира за ДВ д-р Душан Рељиќ од Фондацијата за наука и политика во Берлин.