1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкава и да е, пензијата не стасува

12 декември 2010

Додека Европа се соочува со бран протести предизвикани од пензиските реформи, во Македонија не се подготвуваат новини во пензискиот систем. Но ова не значи дека земјата нема проблем во пензискиот систем.

https://p.dw.com/p/QOkd
Фотографија: AP

Три четвртини од сите пензионери во Македонија издржуваат уште некој член во фамилијата. Уште поголем проблем од судбината да ја делат пензијата со семејството се ниските примања. Според последните статистички податоци просечната пензија во Македонија е 10 илјади денари. Најниска, 3 500 денари месечно е пензијата на земјоделските пензионери, највисока 35 000 денари добиваат пензионерите од поранешна ЈНА. Колкава и да е, сите велат мала е, не стасува.

Кога на државите им снемува пари, први на удар се пензиските системи

Цените се во постојан пораст, пензиите не мрдаат. Во последните години примањата на пензионерите се зголемени само за 20 проценти. На времето, во Југославија пензијата од просечната плата изнесуваше 77 проценти, а сега е под 50 отсто, вели Душан Шурбановски, претседател на Сојузот на пензионери на Македонија.

Die Rente als Privileg, Rente mit 67, Rentenreform
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога на државите им снемува пари, на удар најчесто е пензискиот систем. Во светот се зголемува старосната граница за заминување во пензија, работниците протестираат. Во Македонија во пензија мажите одат на 64 години, жените на 62. Светскиот тренд води кон тоа по триесет години просечната старосна граница за пензионирање да достигне 65 години.

Половина милијарда евра годишно за пензии

Надлежните во Македонија ветуваат дека пензиите нема да ги зафати светскиот бран на реформи.

„Во делот на условите за стекнување право на старосна пензија или промена на начинот на пресметка на пензијата, во моментов не се подготвуваат измени за разлика од други земји во регионот каде веќе имаше покачување на старосната граница за пензија или пак се замрзнаа пензиите”, велат во надлежното Министерството за труд и социјала.

Kroatien Land und Leute Markt in Zagreb Rentner
Фотографија: Ognjen Alujevic

Порано тројца вработени издржуваа еден пензионер, сега односот е еден ипол вработен на еден пензионер. Се формираше и втор столб, се намали процентот на пензиските придонеси, но тоа уште повеќе ја зголеми дупката во пензискиот фонд. Сега од Буџетот се надоместуваат приближно 40 проценти од потребната сума за исплата на пензиите. Во Македонија има 278 илјади пензионери, а секоја година за пензии се исплаќа повеќе од половина милијарда евра.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Жана Ацеска