1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкава плата заслужуваат пратениците?

Бернд Греслер/ Симе Недевски30 април 2013

Претседателот на германскиот Бундестаг, Норберт Ламерт се заложи за итна реформа на законот за платите на пратениците. Таа идеја, меѓутоа не наиде на одушевување кај сите.

https://p.dw.com/p/18Bre
Фотографија: picture-alliance/dpa

На прв поглед актуелната законската регулатива изгледа како повик на бесрамно богатење: пратениците во германскиот парламент, Бундестагот, се одговорни самите за висината на своите плати. Значи, на јавни седници решаваат за зголемување на сопствените плати. На многу пратеници таа практика им е непријатна. Како да се гласа за зголемување на сопствената, и онака солидна плата и тоа пред очите на јавноста. И ден подоцна да се чита во весниците за својата алчност.

Да не се буни јавноста

Законот исто така предвидува „ориентациска висина“ за пратеничката плата да биде платата на судиите во Врховниот суд на СР Германија. Само, при секое зголемување на платите на судиите, се развива и јавна дискусија за платите на пратениците. Така е и сега, кога платата на судиите од Врховниот суд е поголема за 268 евра. Затоа веќе некое време една работна група се обидува да пронајде решение за одредување на висината на платите на пратениците која би се ориентирала според некои други мерила. Така поранешниот министер за правда Екард Шмит-Јорциг предлага пратеничките плати еднаш годишно да се прилагодат на растот на платите кај останатото вработено население. Голем број на пратеници веројатно ќе бидат задоволни со таа идеја.

Norbert Lammert
Претседателот на германскиот Бундестаг, Норберт ЛамертФотографија: dapd

„Би било добро да пронајдеме решение по кое нашите плати би се поврзале со платите на останатите вработени и кога јавноста повеќе нема да се буни“, смета социјалдемократскиот пратеник Флоријан Пронолд. Претседателот на Бундестагот, Норберт Ламерт сега започна иницијатива да се реформира правилникот за платите на пратениците пред парламентарните избори во септември оваа година.

Солидна отпремнина

Но тоа сигурно нема да ја смени јавната расправа за пратеничките плати како ни инструментализацијата на таа тема. Пратениците од партијата на Левицата, наследничка на источногерманската комунистичка партија, веќе со години демонстративно го одбиваат зголемувањето на платите и исплатениот вишок го донираат во добротворни цели. „Платите во општеството се развиваат така што ретко кој може да го одржува досегашниот животен стандард, додека ние напротив го зголемуваме нашиот стандард“, смета пратеничката од Левицата, Карин Биндер. Какво решение и да пронајде работната група, јавноста сигурно нема да биде задоволна.

Најголем трн в око притоа не е висината на платата, туку сите дополнителни поволности. Така покрај платата која моментално изнесува 8.252 евра (кои се даночат) еден пратеник добива и 4.123 евра за разни трошоци. И тоа паушално, значи без да мора да поднесе каков било доказ дека тие пари ги употребил за трошоци кои настануваат поради исполнување на обврските произлезени од пратеничкиот мандат. Овој износ не се оданочува, но се намалува во случај на отсуство од редовните седници на Бундестагот. Понатаму, на секој пратеник му стојат на располагање 15.800 евра за ангажирање соработници, како во самиот Бундестаг, така и во изборната единица. Единствено правило е соработниците да не се во сродство со пратеникот. Во тој случај мораат да работат бесплатно. По завршувањето на мандатот, пратениците ги чека солидна отпремнина и тоа по една месечна плата за секоја година која пратеникот ја поминал во Бундестагот. Така пратениците кои неколку децении поминале во парламентот, во пензија можат да одат со речиси 150.000 евра отпремнина.

Bundestag Reichstagsgebäude
Фотографија: DW/K. A. Scholz

Проблем со дополнителната заработувачка

Најчуствително прашање е прашањето за самите пензии. Пратениците, имено, (како ниту останатите државни службеници) не се должни да плаќаат во фондовите за пензиско осигурување, но тоа не значи оти се одрекуваат од пензија која може, во зависност од должината на мандатот да изнесува и до 5.570 евра месечно. Здружението на даночните обврзници, кое секојдневно следи како се трошат даночните средства, предлага укинување на поволноста и преминување на приватно пензиско осигурување кое пратениците би го плаќале сами. Друг проблем во очите на јавноста се и многубројните дополнителни платени ангажмани со кои пратениците го пополнуваат сопствениот буџет.

Андреас Пајхл од бонскиот Институт за иднина на работата (ИЗА) се присетува на едно истражување кое покажало дека една пратеничка 150 дена во годината работела како адвокатка. „Секако дека автоматски се поставува прашањето колку време поминувала во Бундестагот“, вели Пајхл. Или случајот со пратеникот и социјалдемократскиот кандидат за канцелар на претстојните избори Пер Штајнбрик кој се најде на удар на јавноста кога се дозна за неговите милионски приходи кои ги заработил како предавач и говорник на конгреси и други манифестации.