1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

280410 Griechenland Rating Staatsanleihen

30 април 2010

Реномираната рејтинг-агенција „Стандард и пурс“ неделава дополнително го деградира рејтингот на грчките државни обврзници, што предизвика влошување и на другите економски индикатори. Како се определува нејзиниот рејтинг?

https://p.dw.com/p/NAbQ
Фотографија: AP

Кога луѓе даваат пари на заем, сакаат и да бидат сигурни дека ќе ги добијат назад и тоа со камата. Притоа нема разлика дали станува збор за пари кои му ги позајмуваат на некое претпријатие или држава. Рејтин-агенциите оценуваат колку е голема веројатноста некој должник да не може да ги исполни обврските.

Аналитичарите на агенцијата „Стандард и пурс“ ги истражувале, покрај другото, и актуелната состојба на буџетот, политичката ситуација и очекуваниот стопански пораст на Грција и оценија дека „се стеснува политичкиот маневарски простор на владата“. И покрај најавените реформи, тие гледаат „криза на доверба“ во Грција, оти - како што велат - не било сигурно дали владата е во состојба реформите брзо да ги спроведе. Аналитичарите се сомневаат и во политичката волја „да се опстои повеќе години“ врз строгиот курс на штедење.

Рејтинзите имаат далкусежни последици

Мартин Хифнер, главен економист во финансиската институција „Асенагон“ од Минхен, напротив, смета дека деградирањето на рејтингот е негативно претерување на рејтинг-агенциите како реакција на премногу позитивните оценки што ги даваа пред финансиската криза. „Според мое мислење, агенциите се обидуваат да ги отстранат грешките што ги направија во случајот со ’Лимен брадерс‘, со тоа што сега и во ова малку претеруваат“.

Griechenland Euro Symbolbild
Фотографија: AP

Хифнер очекува дека и другите големи рејтинг-агенции ќе го намалат рејтингот на Грција. А рејтинзите имаат далекусежни последици: „Економското значење е во тоа, што сега редица инвеститори, како пензиски фондови, осигурувања и така натаму, веќе не смеат да инвестираат во грчки државни обврзници“, објаснува Мартин Хифнер.

На тие институционални вложувачи им е забрането парите да ги инвестираат во обврзници кои агенциите ги оцениле како безвредни. Грција, значи, веќе речиси нема шанси на пазарот на капитал да дојде до итно неопходните пари за да ги сервисира старите, достасани долгови. „Во наредните три години на Грција и’ се потребни преку 100 милијарди евра за да фати чекор“, проценува Волфганг Герке, претседател на Баварскиот финансиски центар, тинк-тенк институција од Минхен.

Кризата на доверба, за која зборуваат рејтинг-агенциите, уште повеќе се заострува по деградирањето на рејтингот. Уште во текот на претходната недела вложувачите бараат речиси секој ден повисоки камати за позајмување пари на грчката држава поради ризикот. За илустрација: Германија може со обврзници да зема пари на заем со камата под три проценти, додека каматите за грчките обврзници издадени на време од десет години изнесуваат преку десет проценти годишно. За секое евро што го зема сега, земјата ќе мора да врати две. Не мора да се биде финансиски професионалец, за да се насети дека тоа нема долго време да функционира.

Политичка соодговорност?

Немирот на финансиските пазари ги тера европските политичари брзо да дејствуваат. На вонредниот самит на 10 мај на Грција може да и бидат ставени на располагање милијарди евра, навестуваат од претседателството на ЕУ. Тоа е еден ден по покраинските избори во германската покраина Северна Рајна Вестфалија. Очигледно канцеларот Ангела Меркел сака да избегне пред изборите да ја даде својата согласнот за помошта за Грција.

Angela Merkel Gewährung von Notkrediten an Griechenland NO-FLASH
Фотографија: AP

Економистот Мартин Хифнер ја смета политиката соодговорна за размерите на кризата. Постојаната согласност со задршки од страна на германската влада и дискусиите за репрограмирање на грчките долгови, според него, ја заостриле ситуацијата: „Менаџментот на кризата е многу лош. Со него и со дискусиите, Грците се изолирани од приватните пазари. Пред 4 недели можеше да се смета дека ќе има кофинансирање - дел од приватни, дел од јавни извори. Сега пари ќе дадат само јавни извори. Тоа значи дека целата работа стана многу поскапа“.

Автор: Андреас Бекер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска