1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку жртви на екстремната десница навистина има?

Марсел Фирстенау / Александар Методијев3 септември 2013

Официјалните статистички податоци и податоците на новинарите за жртвите на екстремната десница се разликуваат. Тоа може да се промени по судската истрага за серијата убиства на групата „Националсоцијалистичко подземје“.

https://p.dw.com/p/19aXL
Фотографија: AP

Франк Јaнсен пишува за неонацистите и жртвите на екстремната десница уште од почетокот на деведесетtите. Новинарот на берлинскиот весник „Тагесшпигел“ добро го познава опкружувањето во кое расте и се шири расизмот, без оглед дали станува за политичката сцена, каде пример за тоа е Националдемократската партија на Германија (НДП) или, пак, десничарската рок-сцена. Јансен следел многу судења на кои им се судело на оние кои претепувале или убивале други луѓе поради нивното потекло или бојата на кожата. Занимавајќи се со таа тема, Јансен забележал дека неговите податоци за обемот на теророт на екстремната десница се разликуваат од официјалните државни податоци.

Недостасува жртва на осуден нацист

Франк Јансен се чуди што во државната статистика долго време недостасувал случајот на Кај Дизнер, кој е осуден на доживотна затворска казна поради убиство на еден полицаец. Тој во 1997 година го следел судењето на овој неонацист, кој самиот себеси се опишувал како „политички војник“. Јансен минатата недела на конференција на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин потсети дека тоа убиство до 2000 година не е окарактеризирано како злосторничко убиство мотивирано од десничарски идеи.

Journalist Frank Jansen
Новинарот Франк Јансен направи листа на жртви на десниот екстремизамФотографија: picture-alliance/dpa

По откривањето на серијата убиства, кои ги изврши групата „Националсоцијалистичко подземје“ (НСУ) во ноември 2011 година, истрагата на надлежните органи се интензивираше. Таа терористичка група е обвинета за убиство на девет мигранти и една полицајка. Истрагата со години одеше само во правец на организиран криминал, а расистичките мотиви беа целосно исклучени.

Државата „мами“

На листата на новинарот Франк Јaнсен се имиња на 152 жртви. Пролетта оваа година во Минхен почна судењето против НСУ.

„Актуелизираната листа ја објавивме во март оваа година во пресрет на почетокот на судската постапка против НСУ. Во моментов регистрираме 152 жртви на насислство од страна на екстремната десница. Според официјалните податоци, нив ги има 63. И морам да истакнам дека 20 имиња од вкупно 63 од државната листа се дополнително додадени, по објавувањето на нашата листа“, забележува Јансен.

Plakat Opfer der NSU
Плакат со фотографии од жртвите на НСУФотографија: picture-alliance/dpa

Министерот за правосудство на германската сојузна покраина Тирингија Холгер Попенхагер за разликите вели: „Станува збор за разлика меѓу чувството за правда и правната држава. Државата така да се каже ’мами’ и го смалува проблемот на десниот екстремизам. Здруженијата за заштита на жртвите не се единствените кои така размислуваат“.

Без единствена дефиниција за десниот екстремизам

Големите статистички разлики можат да бидат резултат и на различното толкување на десниот екстремизам.

„Ние немаме единствено толкување на поимот десен екстремизам. Што е десен екстремизам? Што е омраза кон странци? Што е антисемитизам? Како би требало да ги означиме спорните случаи. Не постои термин кој подеднакво важи за полицијата, државното обвинителство, министерството за правда или здруженијата за заштита на жртвите, туку пресудна улога има личната проценка на лицата кои работат на тие случаи. Ниту на сојузно ниво немаме законска одредба која регулира собирање на статистички податоци во делот на правосудството“, објаснува Берт Гетинг, експерт за статистика во Сојузното министерство за правосудство.