1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се новинарите поткупливи?

10 март 2012

Рабати и услуги - поранешниот германски претседател Кристијан Вулф очигледно земал премногу. Но, дали и оние кои го обвинуваат за тоа (новинарите) го прават истото?

https://p.dw.com/p/14GPO
Фотографија: Fotolia

Кристијан Вулф не поднесе оставка оти примал поволности од одредени пријатели. Меѓутоа, новинарските извештаи за тоа со недели и´ даваа белег на дискусијата за претседателот. Но, зошто токму претставниците на печатот му префрлуваат на претседателот дека бил „ловец на понуди“?  Многу новинари имено самите користат рабати и поволности. Таканаречениот „новинарски попуст“ им нуди предности, кои не важат за другите граѓани. 

Кој сака да купи нов автомобил или да патува со авион може да заштеди пари ако покаже новинарска легитимација. Електронски производи и козметика, апарати за домаќинството или градежен материјал - илјадници продукти и услуги за новинарите се нудат поповолно. Секој во Германија може да си купи годишна картичка за користење на железницата и со неа да добива попуст од 50 проценти на сeкоја купена карта за воз, но само новинарите ја купуваат оваа картичка за половина од нејзината номинална цена. 

ICE vor Bundestag
Германски железници ги укинуваат попустите за новинаритеФотографија: picture-alliance/dpa

Или подобро кажано до сега плаќаа, оти оваа поволност веќе е минато. Германски железници донесоа одлука дека новинарите во иднина нема да добиваат попуст за картата за поволен железнички превоз.

Раклама и поткуп

Но, зошто многу фирми воопшто нудат новинарски попуст? Причината е што очекуваат „добри новинарски извештаи“. Значи се обидуваат да ги подмитат новинарите. Другата причина е што вработените во медиумите се сметаат за т.н.  мултипликатори, чија приватна одлука кои производи ќе ги користат, можеби би била пример за другите. Рабатот е истовремено ПР-инвестиција, како и маркетиншки и рекламен инструмент.

Symbolbild Reisen Budget
Приватно или службено: при патувањето се штедат париФотографија: Albachiaraa - Fotolia.com

Новинарски попусти во денешниов обем постојат од пред околу 11 години. Во 2001 година беше реформиран дотогаш важечкиот закон за попусти во Германија. Оттогаш големите поволности не мора да имаат чисто службен контекст, туку смеат да бидат применети и за приватни цели. Од тој момент речиси да експлодираа понудите за одредени групи, меѓу нив и за новинарите.

Зошто сето ова? Објективна причина од општествена релевантност нема, единствено што на пример поскапување на трошоците за железничкиот превоз посебно ќе ги погоди слободните соработници, чии приходи не се константни. 

Во сива зона

Постојат ресори, кои посебно се изложени на обвинувањето дека користат поволности, на пример новинарите чија специјалност се патувања. Една ноќ во луксузен хотел или ексклузивно патување, се скапи задоволства. Слободен новинар тоа секако не може да си го дозволи, освен ако трошоците не ги преземе редакцијата или, пак, новинарот е поканет од организаторот. Сето ова се поволности, кои не им се достапни на другите луѓе.

Hotel Adlon Berlin
Најчесто други ја подмируваат сметката кога новинарите преноќеваат во ексклузивни хотелиФотографија: AP

Ако на пример, производител на автобомили за презентацијата на еден нов модел покани дузина новинари во луксузен хотел во Дубаи, иако истото може да го направи и во Германија, тогаш тоа е сличен случај. Концернот очигледно сака да се претстави во добро светло пред претставниците на печатот. Со бизнис класа и преноќиште во хотел со четири ѕвезди сакаат да ги стават новинарите под притисок, да пишуваат позитивно за фирмата и нејзиниот производ. Останува на новинарот дали ќе попушти под суптилниот притисок или ќе известува објективно.

Може ли еден новинар да користи рабат, се’ додека тоа не ја попречува неговата професионална објективност? Не би било ли поконсеквенто воопшто да не користи новинарски попуст? Бено Пепелман, правник во новинарскиот синдикат (DJV) во основа критички гледа на користењето рабат од страна на новинарите.

Sandstrand auf Samoa
Ниту плажите од соништата не треба да ги заведат новинаритеФотографија: picture-alliance/DUMONT Bildarchiv

Во новинарскиот кодекст на Германскиот новинарски совет се вели: „Користењето (...) на предности од секаков вид, кои би можеле да ја нарушат слободата на одлучување (...) се неспоиви со угледот, независноста и задачите на печатот“. Новинарското здружение „Мрежа за истражување“, пак, накусо дефинира: „Новинарите се откажуваат од секакво примање поволности и корист“.

Автор: Дирк Кауфман / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска