1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се почитува Законот за јавна внатрешна пловидба?

7 септември 2009

По големата бродска несреќа во Охрид од Капетанијата и натаму молк, а истрагата за потонатиот брод „Илинден“ продолжува. Каква е безбедносната регулатива за внатрешниот езерски сообраќај во Македонија?

https://p.dw.com/p/JUMI
Фотографија: Petar Stojanovski

Експертите заседваа и денеска. Иако ветија, не излегоа со соопштение. Бугарскиот експерт Георги Илиев, член на мешовитата комисија за утврдување на причините за потонувањето на „Илинден“, денеска (07.09.09) потврди дека бродот нема да се извлекува од водите на Охридското Езеро до среда. Илиев рече дека временските услови засега не дозволуваат извлекување и посочи оти се подготвува детален план за начините како ќе се извлече бродот. Во интерес на истрагата, ќе се настојува „Илинден“ да биде извлечен неоштетен.

Комисијата одлучила да биде извршено дополнително подводно снимање на 12 точки од потонатиот брод, кои се сметаат за важни за истрагата. Повторното снимање е побарано, бидејќи веќе направените снимки биле премногу одблиску, односно не соодветствувале на барањата на истрагата.

Што предвидува Законот за јавна внатрешна пловидба во Република Македонија?

Mazedonien Schiffsunglück
Спасувачки екипи на местото на несреќатаФотографија: MIA

Мора да има трајна контрола за безбедноста на пловидбата од лицата кои го организираат превозот и од Капетанијата. Бродот е способен за пловидба ако има пропишан број на стручно опсообени членови на екипажот со валиден лекарски преглед и со уверенија издадени од Капетанијата, за овластување за работа на брод. Законот вели и дека мора да се води сметка за заштита на човечките животи. Пред се’, да има толку елеци и појаси за спасување, колку што имало патници во него.

Што се’ треба да поседува еден брод?

Васил Алчев сопственик на малиот брод „Делфин“ вели:

„По закон треба сигурносни појаси, противпожарен апарат и други дополнителни работи кои се неопходни за безбедноста. Се врши и технички преглед. Има служба која ја воочува исправноста на бродот, со што ни даваат дозвола за возење со право на продолжување на регистрацијата. Досега таа траеше една година, натаму, можеби и две години. Кај мене тоа го прават. Екипа од двајца доаѓаат и ги гледаат сите моменти кои тие можат да ги воочат. Тоа се надлежни од Капетанијата Охрид. Мислам дека за поголемите бродови надлежни се други институции, според европскиот модел.“

Дел од преживеаните од бродот „Илинден“ рекоа дека немало спасувачки елеци. На ова, Васил Алчев вели дека тоа не е можно и дека на сите бродови ги има: „Ќе ви кажам отворено појасите не се гледаат. Појасите ние ги чуваме во внатрешноста. И клиентелата која доаѓа не смета дека им е неопходен појасот. Некогаш и да им даваме појаси тие не ги сакаат.“

Контроли на бродовите постоеле од секогаш

Mazedonien Schiffsunglück
Потонатиот брод „Илинден“Фотографија: MIA

Бродарот Петар Василев тврди дека секогаш постоеле контроли на бродовите: „За редовната линија за Свети Наум во 10 и во 11 часот постојано сме имале контрола од Капетанијата. Имаме луѓе кои продаваат билети и знаат колку билети се издадени и ние капетаните ја знаеме ситуацијата на бродот пред да тргне. Имаме противпожарна опрема, посебно за внатрешен и надворешен дел. Мораме да имаме спасувачки елеци. Значи без таа опрема не може бродот да биде регистриран. Два елеци се странично. Но и кај нас и на другите бродови не можете да ги видите. Тоа е можеби нашата грешка што не се изложени видливо некаде. Досега не било практика да ги вадиме елеците. Сепак со гаранција тврдам дека постојат елеци на бродовите.“

Во среда (09.09.09) при вадењето на „Илинден“ од езерото најверојатно ќе биде применета техника со балони, со која потонатиот брод може да се извади без оштетување. Балоните се вметнуваат во внатрешноста на бродот и се напумпуваат. Со тоа водата се истиснува, а трупот испливува на површината. Другата алтернатива е да се влече со други бродови.

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Александра Трајковска