1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку смее да чини културата?

12 ноември 2011

Неодамна во Москва беше свечено отворен обновениот Бољшој театар, чија реконструкција чинела најмалку 500 милиони евра. Тоа не е единствен случај на скапа санација на културни институции. Примери има повеќе...

https://p.dw.com/p/137E3
Бољшој театарот во нов сјајФотографија: picture-alliance/dpa

Покрај со нејзината воскресната убавина, концертната и оперска сала во Москва деновиве го привлече вниманието и со цената за нејзино реновирање. Според официјалните потадоци, обновата на Бољшој театарот чинело близу половина милијарда евра. Но, тоа не е прв случај во фокусот на медиумите да се најдат работите на санација на институции на уметноста. Еве неколку примери:

Миланската Скала

Die Mailänder Scala
Миланската скала изгледа прекрасноФотографија: AP

Примерот на Миланската Скала, која има 2000 седишта и е голема речиси колку Бољшој театарот во Москва, е поскромен од рускиот случај. Во Втората светска војна, прочуената концертна сала во Милано беше во голема мера уништена, но набргу по завршувањето на војната била обновена. Судејќи според се’ - пребргу, бидејќи наскоро било констатирано дека кратерот од експлозија на бомба во салата ја нарушил акустиката. Во 2000-та година беше донесена одлука да се тргне во реставрација. Таа траеше три години и чинеше 60,5 милиони евра. Навистина скромно во споредба со Бољшој театарот во Москва.

Скапиот „Феникс“

Venedigs Opernhaus La Fenice wiedereröffnet
Внатрешноста на оперската куќа „Феникс“ во ВенецијаФотографија: AP

Значително поголеми проблеми имаше за време на обновувањето на театарот Феникс во Венеција (Teatro la Fenice). Во јануари 1996-та година избувна пожар во салата за која Џузепе Верди ја компонираше својата опера „Травијата“. Обновата на театарот Феникс ја поддржуваше цела Италија и тоа „на оригиналната локација и во оригиналниот изглед“.

Првобитно беше замислено „воскресението на театарот Феникс“ да се прослави кон крајот на 1998 година. Наместо прослава, следуваа низа скандали, како и запирање на работите на реконструкција, бидејќи германско-италијанскиот конзорциум, под раководство на Филип Холцман, имаше финансиски проблеми. Кон тоа треба да се додадат и огромните логистички трошоци. Имено, низ Венеција - градот музеј - секој градежен кран и секоја челична греда мораше да се транспортира низ тесните канали. Конечниот збир трошоци до повторното отворање во декември 2003-та година изнесуваше околу 90 милиони евра. Тоа беше двојно поголем износ од првобитно планираните трошоци.

„Под липите“

Deutschland Berlin Staatsoper Unter den Linden
Операта „Под липите“ во БерлинФотографија: picture-alliance/ ZB

Случајот со реновирање на оперската куќа „Под липите“ (Unter den Linden), која важи за најзначајна од трите берлински опери, е познат одамна. Првобитниот план на Клаус Рот, кој предвидуваше обемен зафат на тој објект - заштитен споменик на културата, беше отфрлен. Од септември 2010 година во сила е планот на архитектонската канцеларија од Штутгарт „ХГ Мерц“. Од 239 милиони евра, колку што беше проценето дека ќе бидат потребни за обновата на операта, 200 милиони ќе бидат обезбедени од сојузниот германски буџет, а остатокот мора да го соберат пријателите на операта. Повторното отворање на оперската куќа „Под липите“ е планирано за 3 октомври 2013 година.

Се’ е релативно

Се работи за многу пари. Сепак, овие износи мора да се споредат со некои други. На пример, за изградба на еден километар подземна железница се потребни 50 до 60 милиони евра. Цената на контроверзната изградба на мостот Валдшлесхен во Дрезден, кој ја чинеше долината на реката Елба титулата на УНЕСКО - светско културна наследство, изнесуваше повеќе од 200 милиони евра, а трошоците на одржување ќе бидат околу 430 милиони евра годишно. Изградбата на „Алијанц арената“- новиот фудбалски стадион во Минхен за околу 70 илјади гледачи, пак чинеше околу 340 милиони евра.

Allianz Arena München Fussball Bundesliga Stadion Flash-Galerie
Фудбалскиот храм „Алијанц арена“Фотографија: AP

Парите вложени во културата, познато е, носат профит за духот. Затоа сега исто колку и порано важи она што во една пригода го кажа директорот на операта на Бољшој театарот Герд Фробузе: „Земете си го данокот назад. Одете во театар!“. Барем радоста на Московјани поради тоа што повторно имаат вистинска оперска куќа е голема. Планираните претстави се распродадени, иако цените кои се движат од 50 до 200 евра по карта, воопшто не се народни.

Автор: Анастасија Буцко / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска