1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190911 Bundesliga 6. Spieltag

19 септември 2011

Шестото коло на Бундеслигата донесе неколку големи изненадувања. Најголемото е победата на Келн против Бајер Леверкузен и тоа со 4 спрема 1.

https://p.dw.com/p/12bsl
Лукас Подолски му кумуваше на најголемото изненадување на 6. колоФотографија: dapd

Првото големо изненадување на 6-то коло беше новиот пораз на Борусија Дортмунд. По минатонеделниот од Херта, тимот на тренерот Јирген Клоп на викендот изгуби од Хановер со 1 спрема 2. Интересно е што головите за Хановер паднаа во последните пет минути од натпреварот.

Одбрамбениот играч, Невен Суботиќ, е разочаран од таквиот исход:

„Тоа беше несреќа. Преку 85 минути бевме подобра екипа, имавме голем број шанси и противникот тукуречи не го пуштивме да му се приближи на нашиот гол. И тогаш ни се случија две ситуации, во кои не бевме доволно концентрирани и изгубивме - тотално незаслужено. Но, таков е фудбалот, две грешки во последните пет минути може скапо да чинат!“

Fußball 1. Bundesliga 14. Spieltag Borussia Dortmund Borussia Mönchengladbach
Невен Суботиќ од Борусија Дортмунд (лево)Фотографија: dapd

Бајерн гази напред суверено


Бајерн Минхен самоуверено го победи Шалке со 2 спрема 0 на гости и со тоа го одбрани водечкото место на табелата. Тоа беше просечен натпревар, но победата на Бајерн е сепак заслужена. Голманот на Бајерн, Мануел Нојер, меѓутоа мораше да се соочи со неколку непријатни доживувања, поради одмаздата на навивачите на Шалке затоа што го напушти матичниот клуб и замина во Бајерн.

„Знаев што ме чека. Ги познавам навивачите на Шалке и знаев дека ќе реагираат емотивно. Но, со добра претходна подготовка на таквите реакции, сепак успев да одиграм во добра форма.“

Ова е осми натпревар на Бајерн без примен гол.

Победа на „аутсајдерот“


Најголемото изнeнадување на 6. коло беше победата на аутсајдерот Келн против второпласираната екипа на претходното првенство, Бајер Леверкузен. За победата на гости најмногу е заслужен Лукас Подолски, кој ги подготви сите четири погодоци. Домаќините постигнаа само еден гол.

Fußball Bundesliga FC Köln vs. Bayer 04 Leverkusen
Фудбалерите на Келн ја слават победата над Бајер Леверкузен во 6. колоФотографија: picture-alliance/dpa

„Имаме наши средствa како да ги собираме поените и денеска тоа одлично функционираше. Но, сега не можеме да се опуштиме и да кажеме дека нашиот клуб е на добар пат, туку вака треба да продолжиме барем неколку натпревари. Дури тогаш може да бидеме задоволни“, порача Подолски.

Задоволен беше и тренерот на Борусија Менхенгладбах, Лусијен Фавр, со победата на неговите фудбалери над последниот на табелата Хамбург.

„Разликата ја направи второто полувреме. Во првото не бевме добри, иако и не лоши, можевме подобро да играме во секој случај. Но, затоа во второто полувреме играчите беа одлични и затоа на крајот заслужено победивме“, вели тренерот Фавр. Со тоа Борусија останува на третото место и претставува изненадување во годинешната Бундеслига.

Lucien Favre Trainer von Borussia Mönchengladbach
Тренерот на Борусија Менхенгладбах, Лусијен ФаврФотографија: AP

Среќни со реми

Вердер Бремен успеа да извлече нерешено 1 спрема 1 во средбата со Нирнберг, што е успех затоа што еден од нивните играчи заработи црвен картон. Така тимот од Бремен сега има 13 поени и се наоѓа на второто место. Во сезоната одлично стартуваше и Хофенхајм, кој ја оствари четвртата победа поразувајќи го Волфсбург со 3 спрема 1. Хофенхајм се наоѓа на одличното четврто место на табелата.

На викендот можеа да се радуваат и навивачите на Кајзерслаутерн, кои го поразија Мајнц со 3 спрема 1. Ова е нивна прва победа во оваа сезона. Задоволен е и тренерот Марко Курц: „Добро одигравме, ангажирано, успеавме да се кренеме на енергијата на навивачите и одигравме добар фудбал. Мислам дека навистина бевме подобри.“

Во дуелот на новодојденците во Лигата, Херта и Аугсбург си ги поделија поените, играјќи 2 спрема 2, додека Фрајбург изгуби од Штутгарт со 1 спрема 2.

Автор: Оливија Фриц / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски