1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коментар: ЕЦБ понуди половични решенија

Бернд Ригерт/превод: Борис Георгиевски3 август 2012

Европската централна банка најави дека можеби ќе ги откупува државните обврзници на задолжените земји. Тоа не ги смири финансиските пазари. Бернд Ригерт смета дека решавањето на кризата е во застој.

https://p.dw.com/p/15jLc

Европската централна банка (ЕЦБ) се исплаши од сопствената храброст. Изостанаа очекуваните одлучни акции против растот на каматите за долговите на Шпанија и Италија, на кои се надеваа финансиските пазари. Откако Марио Драги, шефот на ЕЦБ најави дека ќе стори се’ за да го спаси еврото, неговите изјави по состанокот на бордот на ЕЦБ во Франкфурт не беа толку ветувачки.

Очекувањата драматично пораснаа, барем така се изјаснија германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и италијанскиот премиер Марио Монти. Но, очекувањата завршија со големо разочарување.

Драги, за волја на вистината, најави дека Централната банка ќе продолжи да откупува акции на шпанската и италијанската влада со цел да ги намали каматите за тие земји, но не кажа кога ќе го стори тоа. Одлуката може да чека со недели, а дотогаш финансиските пазари можат дополнително да ги покачат каматите.

Deutsche Welle Hintergrund Deutschland Bernd Riegert
Бернд РигертФотографија: DW

За евентуална заедничка акција на ЕЦБ и на европскиот фонд за спас преку која масовно би се купувале акции на задолжените земји, Драги не размислува. Не е задача на ЕЦБ да ги презема обврските на владите, додаде тој, мислејќи на Мадрид и Рим.

Разочарани надежи

Драги ги згасна надежите на Италија и Шпанија, но и на Франција дека идниот спасувачки фонд ЕСМ ќе биде во можност неограничено да се задолжува од ЕЦБ. Централната банка во моментов не го смета фондот за веродостоен бизнис партнер. Тоа значи дека ЕСМ нема функции на банка, освен доколку ЕУ членките не го сменат неговиот статус, а тоа во моментов изгледа малку веројатно.

Очигледно драмата со спасот на еврото продолжува во следната рунда. Досега не се случи големиот пресврт. Наместо тоа добивме заслабнат и неодлучен шеф на Централната банка. И тоа не и помага на веродостојноста на ЕЦБ кај скептичните финансиски пазари. Драги сега сака да чека фондот за спас да помогне доколку Шпанија поднесе барање за помош. Потоа ЕЦБ би се приклучила кон купувањето државни обврзници. Но нема да го преземе првиот чекор. А тоа значи дека топката е повторно во дворот на политиката.