1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој профитира од договорот во Женева?

Џамшед Фаруги Превод: Симе Недевски25 ноември 2013

Постигнаиот компромис во спорот околу иранската атомска програма носи добивка за многу страни. Но договорот ни од далеку не значи „среќен крај“, смета коментаторот на Дојче Веле, Џамшед Фаруги.

https://p.dw.com/p/1ANTG
Фотографија: Reuters

Од овој договор без сомнение најмногу профитира иранскиот народ. Таканаречените „интелегентни санкции“ требаа пред сѐ да ги погодат властодржците во Техеран. Санкциите против извозот на нафта и природен гас требаа долгорочно да ги пресушат изворите на пари на Исламската република. И тие во голем дел ја исполнија својата цел. Но, тие „интелегентни санкции“ направија многу поголема штета, отколку што беше планирано, и на крајот иранскиот народ беше тој, кој најмногу страдаше од нив.

Можеби по некој Иранец од некаква необјаснива национална гордост и беше за таа иранска атомска програма, но кога човек е гладен, тогаш, како што е познато му треба леб, а не „жолт колач“ (ураниумската смеса која се користи за добивање на нуклеарно гориво се нарекува жолт колач). Иранскиот народ сакаше што побргу да излезе од изолација и се надеваше дека ќе се подобри економската ситуација во земјата. Во суспендирањето на санкциите или дури и нивното укинување гледаше можност за отворање кон Западот и бараше повеќе права и слободи. Победата на Хасан Рохани на претседателските избори е производ на таквите желби. Иранскиот народ се надеваше на „женевско чудо“.

Договорот во Женева- животно осигурување за политичкиот врв на Иран

Меѓу добитниците спаѓа и иранскиот режим. Санкциите за него всушност значеа смрт на рати. Терористичките напади како оној неодамна во Бејрут, растот на напрегнатоста меѓу владата и етничките и верски малцинства на пример во областите каде живеат Курси и Балучи, општото незадоволство на народот, тајното мешање на соседните држави во внатрешните работи на Иран и она најважното- опасноста од воена интервенција: тоа беа вистинските причини за промената на курсот на официјален Техеран. Поради тоа може да се констатира дека постигнатиот договор за атомската програма на Иран значи подобро животно осигурување за политичкото раководство на земјата и полиса за негов опстанок на власт. Се разбира, под претпоставка Рохани да ги исполни изборните ветувања.

Договорот со Иран е важен и за САД, и за останатите западни земји. Светот имено не може да си дозволи уште една војна на Средниот и на Блискиот Исток. Иднината на Авганистан по повлекувањето на странските трупи е неизвесна, исламистите си најдоа нов дом во Пакистан, безбедносната ситуација во Ирак и натаму е нестабилна, војната во Сирија продолжува, стеблото на Арапската пролет даде само горки плодови... Да се тргне во војна во овој регион би било рамно на лудило. Решителното „не“ за војната е најразумниот придвижувач на потрагата по мирно и дипломатско решение на спорот за атомската програма на Иран.

Кого договорот не го радува?

Многумина, меѓутоа, профитираа од овој спор, како и од ембаргото против Иран. Ефтината нафта и ефтиниот гас, испораката на резервни делови и трговски стоки како и девизната размена се само некои од примерите за тоа. Турција, Русија, Кина, Обединетите Арапски Емирати па дури и Авганистан очигледно го искористија моментот. Овие земји не се пресреќни поради нормализирањето на односите меѓу „големиот сотона“ и „ оската на злото“, меѓутоа не сакаат ниту војна во регионот. Ниту на Израел не му треба војна, туку само гаранции за неговата безбедност.

Постигнатиот договор е прв чекор кон ставање крај на спорот за атомската програма на Иран. Но вистина е и оти тој не е семоќно решение за сите проблеми. Се разбира дека сега никој не може опуштено и безгрижно да седи со скрстени раце и да чека хепи енд со Иран. Ситуацијата и натаму е многу напрегната и приближувањето на Иран и Западот не предизвикува воодушевување кај сите. Но кој впрочем очекуваше нешто друго.