1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема мир со Јанукович

Бернд Јохан / Превод: Симе Недевски22 февруари 2014

Претседателот Виктор Јанукович останува најголема пречка за мировниот процес во Украина. Кризата може да се надмине само со промена на власта, смета Бернд Јохан, автор на следниов коментар.

https://p.dw.com/p/1BDsV
Фотографија: Reuters

По крвопролевањето и сцените од главниот град на Украина кои наликуваа на граѓанска војна, изгледа дека е можно политичко решение на конфликтот. Треба што е можно побргу да се формира влада на национален спас, а исто така треба да се организираат и претседателски избори - без Виктор Јанукович. Опасност од граѓанска војна и натаму постои. Претседателот Јанукович сѐ уште има поддршка на југот и на истокот на земјата.

Треба да се изгради довреба

Договорот меѓу дискредитираниот претседател Јанукович и лидерите на опозицијата, кој беше постигнат со посредство на министрите за надворешни работи на Германија, Франција и на Полска има исправна цел: запирање на насилството и воспоставување на демократија и владеење на правото во Украина.

Меѓутоа, тоа е само прв чекор, бидејќи исто така е потребно да се воспостави доверба, која е болно потребна во овој тежок процес. Тоа сега е поврзано со промена на власта и нема да биде воопшто едноставно.

Повторно може да дојде до ескалација

За патот на помирување треба да се има трпение. Новиот устав и новите избори треба да се подготват. Особено опозицијата сега е под огромен притисок, бидејќи мора да ги убеди своите приврзеници дека работите се тргнати по исправниот пат кој води кон промена на власта во Украина. Таа мора да спречи натамошно насилство, бидејќи, изгледа дека Украина би можела да се подели на Исток и на Запад.

Deutsche Welle REGIONEN Osteuropa Ukrainisch Bernd Johann
Фотографија: DW/P. Henriksen

Опасност потенцијално демнее и од една друга насока: од Русија. Еден претставник на Москва учествуваше на преговорите, но не стави потпис на договорот. Тоа не е добар знак. Русија ги турка сопствените интереси во Украина и секогаш го поддржувала режимот на Јанукович. Кремљ ги отфрлаше сите настојувања на Европската Унија за постигнување договор во Украина, сметајќи ги за мешање во внатрешните работи на земјата. Би било наивно да се верува дека Русија веќе нема да се меша во внатрешната политика на Украина.

Мора да се покрене истрага за насилството

Јанукович со својата цинична политика ја доведе земјата на раб на граѓанска војна и ја сноси главната одговорност за крвопролевањето, а со тоа и најголемиот товар на патот кон национално помирување. Нему не може да му се верува. Бојното поле во Киев покажа какви криминални и нехумани акти тој е подготвен да прифати за да остане на власт.

Затоа треба да се истражи неговата улога во ескалацијата на насилството, но и улогата на радикалните групи меѓу демонстрантите. Поради тоа во истрагата треба да бидат вклучени и стручњаци од Советот на Европа. Злосторствата во Киев треба да бидат истражени и одговорните мораат да бидат казнети. Меѓу нив е и Јанукович.