1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комисијата ќе се договара како да се договори

Катерина Блажевска20 август 2013

Освен членовите на Комисијата за 24 декември, на денешниот состанок ќе присуствуваат и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ и нивни соработници.

https://p.dw.com/p/19SWL
Фотографија: MIA

На состанок во проширен состав денеска (20.08) ќе се бара решение за деблокада на работата на Комисијата задолжена за извештај за настаните во македонското Собрание од 24 декември минатата година. Според дипломатски извори, освен членовите на Комисијата, на состанокот ќе присуствуваат и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев и нивни соработници.

Состанокот следи по вчерашната средба Груевски - Заев, на која е договорен „последен напор" за откочување на работата на Комисијата. Последен рок за постигнување согласност за извештајот е петок, 23 август.

„Доколку до тој рок не биде постигната согласност, ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение", беше нагласено во заедничкото соопштение по 45-минутната средба меѓу двајцата лидери, одржана зад затворени врати.

Има ли искрена волја?

На денешната средба наводно било планирано и присуство на претседателот на Комисијата, Борче Давитковски, чија оставка на функцијата пред еден месец беше најавена, но не и формално прифатена. Но, Давитковски до доцна синоќа немаше таква информација.

„Никој не ми се јавил. Не знам што е конкретно договорено меѓу двајцата лидери и не знам во каков формат ќе продолжат разговорите. Ако се усогласат, подготвен сум да присуствувам на завршната средба на која ќе биде усвоен извештајот кој јас го подготвив", вели Давитковски.

Borce Davitkovski
Борче ДавитковскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Неофицијално, постоел и предлог процесот да го координира надворешниот член на Комисијата, Белгиецот Петер Ванхоуте, кој од завчера е во Скопје. Но, засега е неизвесно е дали тоа ќе биде прифатено, дали Давитковски ќе биде поканет повторно да ја преземе „палката" или ќе се најде трето решение. Но, крајниот рок за усвојување на извештајот не остава комоција за долги дебати по тоа прашање.

„Кој и да ги координира разговорите, едно е јасно - тоа треба многу брзо да се реши, бидејќи нема време за губење. До петок остануваат само три дена. Ако постои искрена политичка волја да се усвои извештајот, и три дена се многу. Но, ако нема волја, и три години се малку", велат извори на ДВ.

Умерен оптимизам

Политичката јавност со особен интерес го следи овој „последен напор" за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија. Владо Бучковски, еден од иницијаторите на новото политичко движење Алијанса за позитивна Македонија, е оптимист дека разговорите ќе завршат со успех.

„Прво, добро е што се воспостави практика на средби меѓу лидерот на владејачката партија и лидерот на опозицијата. Претпоставувам дека двајцата лидери веќе се договориле, но ако не успеале, верувам дека тоа сигурно ќе го сторат до петок", уверен е Бучковски.

Кај коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ владее оптимизам, но и воздржаност.

„За нас е важно Комисијата да ја заврши својата работа и да даде заклучоци кои ќе бидат само во функција да спречат истото да не се повтори и да елиминираат една важна пречка од интегративниот пат, но не и во функција на партиски интерес од која било страна", вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Комисијата задолжена за извештајот за настаните од 24 декември треба да биде деблокирана итноФотографија: MAKFAX

Тој не даде дополнително објаснување на кои партиски интереси мисли. Но, аналитичари упатени во состојбите во албанскиот политички блок сметаат дека ако се усвои извештај во кој ќе се констатираат „уставни прекршувања", тоа и' дава право на опозицијата да се повика на делот од договорот од 1 март, за разговори за предвремени избори. Според аналитичарите, тоа можеби и' одговара на ВМРО-ДПМНЕ, но не и на ДУИ во овој момент.

Од друга страна, ако не се усвои извештајот за 24 декември, во есенскиот извештај на Европската комисија ќе биде нотирано дека спорот за името веќе не е единствената пречка на интегративниот пат на Македонија. На тоа деновиве укажа и универзитетската професорка Тања Каракмишева-Јовановска:

„Мислам дека настаните околу оваа Комисија ќе бидат злоупотребувани. Можно е тоа да се одрази и на есенскиот извештај на Европската унија, во смисла на негативни поени за Македонија, а како што гледаме тоа е и дежурно алиби на Грција дека Македонија не е демократски способна да си ги надминува своите внатрешни проблеми", предупреди таа.

Дали Груевски мислел на превенција на ваков исход, кога најави дека ако во наредните денови не се најде решение, ВМРО-ДПМНЕ ќе размисли „за нови чекори и за нови стратегии, кои ќе бидат сосема поинакви од она што е сега"? Одговорот на сите прашања ќе се знае во петок (23.08).