1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комитите и османлиите ги пречекаа гостите во Крушево

2 август 2011

Крушево го одбележа Илинден отворајќи им ги вратите на сите оние кои сакаа да се потсетат на настаните од 1903. кога на овој ден беше означен почетокот на Илинденското востание и прогласена првата република на Балканот.

https://p.dw.com/p/129df
Фотографија: MIA

Река народ од сите градови на Македонија се слеа на Мечкин камен, да им одаде почит на славните илинденци. Така во Крушево е секоја година, а веќе трета, во рамките на манифестацијата Крушево етно град, низ тесните крушевски сокачиња, се оживува и историјата. Крушевчани, преоблечени во комити, османлии, во староградски носии, извлечени од кофчезите, на новите генерации живописно им ги пренесуваат историските настани, но и го чуваат идентитетот на македонскиот народ.

Петре Попоски, во униформата на комита се чуствува убаво и ја носи со гордост.

„Трета година учествувам во оваа манифестација, и многу сум горд што ја имам таа можност. Крушево деновиве живее свечено и убаво. Стотици гости поканивме да го посетат Крушево и еве денеска тие се овде со нас“.

Крушево овие и наредните денови на ваков начин преставува театар на отворено. Тука можат да се видат и преставници на фалангата на Александар Македонски, а најголемата атракција секако се илинденските коњаници кои и оваа година патувајќи низ македонските градови и села, пристигнаа во Крушево.

Некои од нив се’ од почетокот од востановувањето на оваа традиција. Секаде каде што поминуваа ги следеше срдечен пречек и добредојде.

Traditionell mit den Pferden nach Krusevo
Фотографија: DW

Патриотски чувства

Овој ден на сите им буди прекрасни чуства. Во такво расположение беше и крушевчанецот Петре Велјаноски, кој секоја година со своето семејство доаѓа на Мечкин Камен.

„Горд сум што се слави овој ден на ваков начин и би сакал секој ден Крушево вака да е посетено. Ова многу значи за сегашноста на Македонија, бидејќи на ваков начин сите оние што учествуваа во создавањето на историјата ги враќаме од минатото“.

„На вакви настани поврзани со историјата мене ми се будат патриотските чувства“, вели Зоран Стефаноски, ми се крева адреналинот и за мене, но и за сите Македонци нема поубав ден“.

Културните настани поврзани со манифестацијата Десет дена крушевска република, изложбите и концертите, активностите на Крушево етно град, ќе продолжат и во наредниве десет дена. Ќе се оживуваат сликите на историјата, а македонските комити и турските османлии, по крушевските сокачиња ќе шетаат заедно и ќе го пијат кафето во малите кафеанчиња. Никој не им забележува на дружбата, бидејќи тоа бил и сонот на македонските револуционери преточен и во Крушевскиот манифест.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Борис Георгиевски