1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комплетирана листата за Мундијалот 2010

19 ноември 2009

Познати се 32-те репрезентации кои ќе настапат на Светското првенство во фудбал следната година во Јужноафриканската Република. Во бараж натпреварите синоќа(18.11.2009) имаше изненадувања.

https://p.dw.com/p/Kau4
Логото на Светското првенство во фудбал во 2010 година

Во бараж натпреварите кои се одиграа синоќа, најголемоот изненадување го направи Словенија, која ја елиминираше репрезентацијата на Русија. Словенците обезбедија втор настап на мундијалите откако со голот на Дедиќ во 44 минута ги совладаа фаворизираните гости со 1 спрема 0. На Русите не им помогна предноста од 2 спрема 1 од првиот дуел во Москва, ниту пак присуството на претседателот Дмитри Медведев на трибините на стадионот во Марибор.

WM Qualifikation Russland und Slowenien
Рускиот премиер Владимир Путин и словенечкиот, Борут ПахорФотографија: AP

БиХ не успеа

Втората репрезентација од поранешна Југославија која беше на чекор до пласман, Босна и Херцеговина, не успеа да го повтори подвигот на Словенците. Босанците загубија во Зеница од Португалија со 1спрема 0, и со вкупни 2 спрема 0 се простија од шансата за првпат да настапат на Мундијалот. Голот за Португалците го постигна Меирелес во 56-та минута од средбата.

WM Qualifikation Slowenien Russland Fußball Fans
Од натпреварот Словенија-РусијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Вистинска драма се одвиваше на „Стад д Франс“ во Париз, каде домаќинот Франција дури по продолженијата и во најмала рака со контроверзен гол обезбеди пласман во Јужна Африка. Ирците поведоа со голот на Кини во 33-та минута. Со тој резултат се влезе и во продолженијата, бидејќи Франција постигна идентична победа во Даблин. Се играше 103-та минута, кога Тјери Анри со рака прими една топка во 16-от на гостите, а Гала ја проследи топката во мрежата. Доволно за славје на Французите, но и за нов скандал во светскиот фудбал, и жестоки реакции на Ирците.

WM Qualifikation Portugal Bosnien Fußball
Екипата на БиХ не успеа против ПортугалијаФотографија: AP

Грција е последната европска репрезентација која обезбеди пласман на Мундијалот, откако во реваншот во Доњецк ја совлада Украина со 1спрема 0.

Драматично и во Африка

Драматично беше и на африканскиот континент, каде Египет и Алжир мораа да одиграат мајсторка на неутрален терен за да одлучат кој ќе патува на крајниот југ. Мечот го одлучи еден гол кој го постигна Јахија, и Алжир се пласираше на Мундијалот.

Во американското дерби, Уругвај и Коста Рика во реваншот одиграа нерешено, 1спрема 1, по што Уругвајците по подолга пауза ќе се најдат на самитот на најдобрите светски фудбалери.

Германската фудбалска репрезентација вчера одигра пријателски натпревар со Брегот Слонова коска, кој заврши нерешено 2 спрема 2. Мечот мина во сеќавање на трагично починатиот голман Роберт Енке, чиј дрес беше поставен на клупата за резервни играчи.

Автор: БГ/ЖА/ројтерс/афп/бета

Редактор: Жана Ацеска