1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Компромиси за Македонија во Европарламентот

Тони Гламчевски8 април 2013

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент доцна попладнево треба да ја усвои предлог резолуцијата за напредокот на Македонија во 2012 година, предложена од британскиот европратеник Ричард Хауит.

https://p.dw.com/p/18BW3
Фотографија: Reuters

Комисијата одржа две комисиски расправи за резолуцијата и го одложи гласањето на резолуцијата поради случувањата во Македонија по 24 декември 2012 година, во очекување на подобри вести од земјата.

За предложената резолуција од известувачот Ричард Ховит, членовите на Комисијата за надворешни работи предложија вкупно 203 амандмани, од кои најпроблематичните, по долги преговори меѓу политичките групи се сведени на 24 амандмани од кои 3 се усни.

Барање проценка на ризиците од статус кво за Македонија

И во компромисните амандмани, до кои дојде Дојче веле, европратениците го повикуваат ирското претседателство да спроведе интензивна дипломатија за да се постигне задоволувачки исход и одлука за почеток на преговори пред крајот на јуни 2013 година. Во првиот компромисен амандман, на почетокот се изразува жалење што четврта година со ред, Советот одлучи да не ја следи препораката на Комисијата и да не отвори преговори за членство. Понатаму се поздравуваат инцијативите на комесарот за проширување и притоа тој се повикува во својот извештај да ја вклучи и проценката од цената на непроширувањето, во што треба да се подразберат  и главните ризици за земјата во случај на продолжување на статус квото.

Европратениците се убедени дека почетокот на преговорите може да ја „промени играта“ со обезбедување позитивен импулс и ефикасен инструмент за понатамошни реформи, подобрување на внатрешната ситуација, олеснување на меѓуетничкиот дијалог и промовирање на поволни односи со соседите.

Richard Howitt
Британскиот европратеник Ричард Хауит, известувач за МакедонијаФотографија: Getty Images

Понатаму се повторува дека дијалогот на високо ниво, кој е важен инструмент за пробив на застојот и воведување на нова динамика во процесот на пристапување, не смее да е замена за преговорите за членство.

Во компромисните амандмани се наведува дека во извештајот се користи само еднаш терминот: „Поранешна Југословенска Република Македонија“ и тоа во насловот и придавката „Македонски“ во параграфот 11. Во останатиот дел на текстот од резолуцијата и амандманите наместо името се користат само термините „тој, таа, земјата“...

Како и што се очекуваше, добрососедските односи според европратениците се „суштинските столбови во процесот на пристапување во ЕУ“. Вториот компромисен амандман го охрабрува продолжувањето на диполоматската размена меѓу Скопје со Атина и Софија и важноста сите страни да покажат „соодвета заложба за добрососедски односи“ втемелени врз пријателство, меѓусебното почитување, конструктивен дијалог и вистинска желба за решавање на недоразбирањата и да ги надминат непријателствата. Испратен е и повик за избегнување на гестови, изјави и дејства кои би можеле негативно да влијаат на добрососедски односи.  Од комесарот за проширување се бара да посвети посебно внимание во извештајот за прашањето на добрососедските односи, со повик за поголема социо-културна соработка со цел на зајакнување на врските меѓу народите во регионот.

Парламентот е институцијата за демократска дискусија

Во резолуцијата е предвиден нов параграф во однос на случувањата во Македонија по 24 декември со целосна поддршка на неодамнешниот договор, кој според нив „води кон деблокирање на ќор-сокакот во внатрешните политички случувања во земјата“ и смета дека сегашниот договор „ќе овозможи понатамошен напредок кон пристапувањето во ЕУ“. Европратениците испраќаат повик до сите партии да продолжат со политичкиот дијалог и да ја нагласат потребата за широка меѓупартиски поддршка и ангажман во спроведувањето на агендата на ЕУ.

Според нив, парламентот е клучна демократска институција за дискусија и решавање на политичките разлики и сите политички сили во земјата треба да дејствуваат во дух на почитување на процедурите и демократските вредности. Притоа се поддржува и иницијативата за истражната комисија со цел да се утврди одговорност за настаните на 24 декември.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Европратениците жалаат за инцидентот од 24 декември и повикуваат на дијалог меѓу власта и новинаритеФотографија: MAKFAX

Европратениците жалат за инцидентите и тоа што новинарите биле избркани од парламентот и повикуваат на продолжување на дијалогот меѓу владата и Здружението на новинари под услови во кои самите новинари ќе имаат доверба.

Европратениците изразуваат и загриженост поради тензиите кои се појавија во меѓуетничките односи во текот на годината и веруваат дека зајакнатиот политички дијалог е од суштинско значење за да продолжи процесот кон мирно мултиетничко, мултикултурно и мулти-религиозно општество и да се елиминира ризикот од поларизација на општеството по етничка линија. Тука тие советуваат и го поздравуваат меѓу другото проектот за мултиетничкиот образовен проект на владата, како тој во Куманово.

Европратениците ги задоволуваат барањата на нивните бугарски колеги, па така во компромисот бр.8  се врши охрабрување на мерките за историско помирување меѓу етничките групи, во што се подразбираат и тие со бугарски идентитет, како и обидите за воспоставување на заеднички експертски комисии за историјата и образованието. Во тој контекст се охрабруваат и преговорите за решение на проблемот со името, а решението треба според нив да биде донесено ‘без одлагање’, со земање во предвид на пресудата од Хаг.

Останатите компромисни амандмани во најголем дел се однесуваат на внатрешните реформи на земјата, како во судството, борбата против корупцијата, дијалогот со новинарите, медиумите, дискриминацијата на ЛГБТ заедницата и спречување на лажните баратели на азил.