1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конвојот на Асад погоден од ракети?!

АТ/ миа/ дпа/ ртр/афп8 август 2013

Властодржецот во Сирија одбегнал атентат од страна на бунтовниците, информираат повеќе опозциони групи. Од официјална страна се демантира напад врз конвојот на претседателот Башар ел Асад.

https://p.dw.com/p/19Lun
Фотографија: picture alliance/dpa

Сириските бунтовници денеска соопштија дека го нападнале конвојот со возила во кој се наоѓал претседателот Башар ал Асад, додека тој заминувал на молитва во џамија во Дамаск по повод муслиманскиот празник Рамазан-Бајрам. Нападот бил извршен во квартот Ал Малки кој граничи со реонот каде се наоѓа претседателската резиденција, тврдат очевидци. Висок воен претставник на Слободната сириска армија изјави дека бунтовниците имале информација за жртви меѓу придружбата на претседателот.

Очигледно како реакција на ваквите тврдења државната телевизија објави снимка на која се гледа како сирискиот претседател присуствува на молитвата во џамијата Анас бин Малек.

Министерот за информации Омран Соаеби за државната телевизија изјави дека конвојот на Асад не бил погоден од ракети (на насловната фотографија е претседателот Асад на 1 август годинава).

Повеќе од 100.000 луѓе загинале од почетокот на судирите во Сирија во март 2011 година, а милиони луѓе ги напуштиле своите домови.

САД во меѓувреме ја зголемија нивната хуманитарна помош за Сирија. Претседателот Барак Обама најави натамошна поддршка во висина од 196 милиони долари. Три четвртини од овие средства директно се наменети на лицата во Сирија на кои им е потребна итна помош, додека една четвртина се наменети за згрижување на бегалците во соседните држави Јордан, Либан, Турција, Ирак и Египет. Вкупно Вашингтон вети повеќе од една милијарда долари за сириската граѓанска војна.