1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конго гласа

30 јули 2006

Во Конго денеска се одржуваат првите демократски избори по 40 години и многумина се надеваат дека тие ќе им стават крај на годините на постојани војни и ќе значат нов почеток по половина век деспотство.

https://p.dw.com/p/AdzE
Отворени се сите избирачки места во Конго
Отворени се сите избирачки места во КонгоФотографија: AP

Избирачките места се отворени и засега нема извештаи за инциденти што е добар знак бидејќи предизборната кампања беше пропратена со многу проблеми, вооружени инциденти па и жртви. Поради тоа изборите ги набљудуваат 17 600 војници на ОН, а и ЕУ испрати контингент од 2000 војници како поддршка. Меѓу нив има и 700 припадници на германскиот Бундесвер.

Конго се опоравува од војните кои траеа од 1996 до 2002 година. И покрај официјалното завршување на конфликтот, во земјата има постојано спорадични вооружени инциденти меѓу владините сили и милициите на истокот од земјата. Хуманитарните работници во Конго тврдат дека во земјата секој ден умираат по 1000 луѓе од глад и болести.

Сепак, портпаролот на програма за развој на ОН во Конго, Франсоа Шарлиер пред почетокот на изборите излезе со оптимистичка изјава:

„Ние сме уверени дека изборите ќе бидат перфектни онолку колку што се може во дадените услови. Она што го знаеме за сигурно е дека ќе бидат стопроцентно транспарентни и фер. Што ќе се случи понатаму ќе зависи од конгоанскиот народ“.

Во Конго се регистрирани 25 милиони бирачи со право на глас. За претседател на државата се кандидирани 33 лица меѓу кои фаворит е актуелниот претседател Јозеф Кабила, кој вети подобрување на животните услови во Конго, изградба на автопати и универзитети. Негови главни противници се поранешниот бунтовник Жан Пјер Бемба кој некогаш го контролираше североистокот на земјата, и Азарија Руберва кој порано беше главен во истокот на Конго. Истовреме во трката за 500 места во Парламентот се пријавени 10 000 кандидати. Малкумина од странските експерти сметаат дека изборите ќе донесат мир и просперитет во земјата.