1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конго пред изборите: безредија и пукотници

28 јули 2006

В недела земјата на граѓански војни Конго за првпат демократски ќе избира нов претседател и парламент. Покрај мисијата на Обединетие нации МОНУК, во главниот град Киншаса се стационирани и војници на Европската унија кои треба да се грижат за мирен тек на изборите. Меѓутоа, се почести се безредија во кои вчера имаше и мртви.

https://p.dw.com/p/AdzN
Конго пред изборите в недела: гласачки пункт
Конго пред изборите в недела: гласачки пунктФотографија: AP

На прв поглед се наликува спокојно. Млади момци во групи се возат во отворени автомобили или во преполни автобуси, пеејќи и танцувајќи:

Овие се приврзеници на Жан-Пјер Бемба, потпретседател на Конго, порано водач на бунтовници и можен воен злосторник:

„Наш кандидат е Бемба, а не Жозеф„!

Значи, Бемба треба да биде новиот претседател. Жозеф Кабила мора да замине. Го исмејуваат дека е странец и идиот што ја разори земјата.

По тротоарите се повеќе вооружени полицајци. Одеднаш атмосферата станува се поагресивна. „Слушај бел новинар„ извикува еден човек, ова овде е наша земја„. Момчиња удираат по автомобилот на новинарската екипа од Германија, лета хартија, една полициска станица е уништена, има истрели, луѓето бегаат. Подоцна германскиот дипломат во Обедиентите нации Албрехт Кунце потврди: досега тоа беа најжестоките безредија во Киншаса. Не само поради распојасаните приврзеници на Бемба:

„Овде има различни типови во полициските единици. Оние тренирани од Европејците веќе знаат како да постапуваат со демонстрантите: не со огнено оружје, туку со гумени куршуми и солзавец. Најлоши се оние вежбани во Ангола: веднаш пукаат зашто друго и не научиле„.

Кунце има информации за тројца загинати. Во дел од градот, црни облаци дим. Подоцна се дозна дека непознати лица, истовремено со доаѓањето на Бемба во Киншаса, запалиле складиште во градината на неговата резиденција. Таму се чувал материјал за изборната кампања, но и оружје. Во пожарот загинале најмалку две деца, потврди Кунце. Европските и единиците на Обединетите нации ја следеа ескалацијата, но не интервенираа. Вечерта дипломатот Кунце вели дека е среќен што по два дена конечно ќе се гласа.