1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгрес на СДСМ за пратеничките листи

2 мај 2011

Опозицискиот СДСМ на конгрес во Скопје ги утврдува своите пратенички листи. Крајниот рок за предавање на листите до Државната изборна комисија, според Изборниот законик, е 5 мај .

https://p.dw.com/p/117g3
Седиштето на СДСМ
Седиштето на СДСМФотографија: Petar Stojanovski

Во коалиција со СДСМ остануваат Новата социјалдемократска партија на Тито Петковски, Либералната партија со новиот лидер Ивон Величковски, а во новиот анти-владин блок е и ПЕИ на бизнисменот Фијат Цановски, кој досега беше во таборот на власта, но сега иниситира да се институционализира ново малцинство - торбеши, Македонци со муслиманска вероисповед. Не е исклучено и двајца новинари од ТВ А1 да бидат пратенички кандидати на високо рангирани места, или како што се вели, победнички за влез во парламентот. Тоа, на одреден начин, е реванш на опозицијата кон медиумската поддршка што ја доби од телевизијата и трите весници на Велија Рамковски. СДСМ го започнува својот конгрес, зад затворени врати, со долга седница на партискиот врв.

Радмила Шеќеринска: Тоа што го знам и‘ се на располагање на СДСМ и на Македонија
Радмила Шеќеринска: Тоа што го знам и‘ се на располагање на СДСМ и на МакедонијаФотографија: Petar Stojanovski

Лидерот Црвенковски нема да се најде на кандидатските листи и во метрополата, на премиерот Никола Груевски ќе му се спротивстави најверојатно Радмила Шеќеринска. Како што е познато, таа еднаш во 2008 година изгуби од него. Таа би била нов премиер доколку СДСМ победи, а Бранко Црвенковски само ќе ја предводи изборната кампања.

„Мојата енергија и ентузијазам, тоа што го знам и‘ се на располагање на СДСМ и на Македонија. Знаете, луѓе кои не се подготвени да влезат во една игра, во една борба за да направат подобро на оваа држава, па макар и да платат одредена цена и да се носат со одредени ризици, не треба да влегуваат во политика“, изјави Шеќеринска, во единствениот досега медиумски настап откако беше промовирана како водач на новиот тим на социјалдемократите.

Се позиционира и позицијата

Од партиите досега само ВМРО-НП ги соопшти водачите на парламентарните листи, при што екс-премиерот Георгиевски и неговите тогашни министри - Додовски и Балковски, се на првите места во три, од 6-те изборни единици.

Досега само ВМРО-НП ги соопшти водачите на парламентарните листи
Досега само ВМРО-НП ги соопшти водачите на парламентарните листиФотографија: Petar Stojanovski

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја зајакнува досегашната коалиција, при што во неја останува ДОМ, или македонските зелени како што почнаа да се самонарекуваат, а истовремено во сојуз со Никола Груевски е и Демократскиот спојуз на Павле Трајанов:

„Ние имаме стратешки договор со ВМРО ДПМНЕ од 2005 година. Сметаме дека во изминатите пет години се постигнати добри резултати во сите области. Ќе одиме заедно“, изјави на денешната прес-конференција Трајанов.

Во албанскиот блок, ДУИ и ДПА, во наредните два дена ќе ги соопштат своите кандидатски листи, а битката ќе ја водат во скопско, тетовско-гостиварскиот крај и кичевско, каде е концентриран електоратот на Албанците. За нивна поддршка уште ќе се борат и лидерите на двете други партии на Албанците, Османи и Селмани.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска